Северна Кореја ѝ испорачала на Русија 12 милиони гранати од 152 мм, соопшти јужнокорејската разузнавачка служба
- Според најновиот извештај на Воената разузнавачка агенција на Јужна Кореја, Северна Кореја досега испорачала околу 28.000 контејнери со оружје и артилериски гранати кај својот политички и воен сојузник.
Сеул, 13 јули 2025 (МИА) - Северна Кореја продолжува да ја снабдува Русија со артилериски гранати како поддршка на нејзината војна во Украина, а јужнокорејското воено разузнавање наведува дека бројот на испорачани артилериски гранати од 152 мм надминал 12 милиони, јави агенцијата Јонхап.
Според најновиот извештај на Воената разузнавачка агенција на Јужна Кореја, Северна Кореја досега испорачала околу 28.000 контејнери со оружје и артилериски гранати кај својот политички и воен сојузник.
„Ако се пресмета користењето на единечни гранати од 152 мм, претпоставка е дека бројот на испорачани гранати достигна над 12 милиони“, се наведува во извештајот на разузнавањето.
Северна Кореја од октомври минатата година почна со обезбедување за Русија и на конвенционално оружје, а досега испрати и околу 13.000 војници за поддршка на воените операции на Москва, соопшти Јонхап.
Јужнокорејската разузнавачка агенција кон крајот на јуни соопшти дека Северна Кореја веројатно ќе испрати дополнителни војници во Русија во јули или август.
Руските медиуми објавија дека Северна Кореја ќе испрати 5.000 воени градежни работници и 1.000 деминери во Курскиот регон за да ги поддржат напорите за негова реконструкција.сд/
фото:МИА архива