• понеделник, 23 декември 2024

Свечена седница во Куманово, доделени ноемвриските награди

Свечена седница во Куманово, доделени ноемвриските награди
Куманово, 11 ноември 2020 (МИА) - Куманово денеска одбележува 76 години од постоењето. На свечената седница на Советот, која се одржа во кумановскиот Центар за култура, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски ги додели ноемвриските награди, годинава на доктори и две правни лица, меѓу нив и кумановската болница. Ноемвриска награда добија Јадранка Стаменковска – лекар специјалист, епидемиолог, Александар Трифуновски – лекар, специјалист, хирург-уролог вработен во Универзитетска клиника за урологија Али Далипи – лекар специјалист, офталмолог, Азис Бајрами – лекар специјалист инфектолог, ЈЗУ Општа болница Куманово и Телевизија „Плус“. Во говорот пред присутните Димитриевски се осврна на историјата, на храброста на борците од НОБ, нивната пожртвуваност, нагласувајќи дека 455 борци и 350 цивили излегле во првите борбени редови, ги дале своите живот за подобра иднина, за да може денес да живееме во слободно Куманово. Повикувајќи да се цени нивната жртва, Димитриевски се осврна и на денешната борба на здравствените работници против Ковид-19 и ги повика граѓаните секој да придонесе во оваа борба со невидливиот непријател. - Ако во далечна 1944 година хероите беа борците на НОБ, оние кои ја донесоа среќата на лицата на граѓаните на Куманово, денес херои се здравствени работници, кои неизмерно и со голема количина на посветеност, професионалност ја извршуваат работата помагајќи на заболените од Ковид-19. Тие во оваа битка го носат најтешкиот товар на своите плеќи, тие се хероите во кои сега сите гледаме надеж, херои се и пожарникарите, и полициските и армиските припадници, работниците од комуналните претпријатија, здравствените работници, просветните, вработените во супермаркетите, херои сме сите ние кои покажуваме одговорност во овие тешки моменти, рече Димитриевски. Тој пред присутните, меѓу нив и претставници од Собранието, Армијата, МВР и вицепремиерот за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски зборуваше за реализираните проекти во Куманово од инфраструктура, образование и најави дека Куманово ќе продолжи да се гради за подобра иднина. Во име на наградените се обрати директорката на ЈЗУ Општа болница Куманово, Снежана Захариева која истакна дека ова награда за нив е предизвик и ја посвети на вработените во болницата. Таа изрази надеж дека Куманово ќе излезе како победник и во оваа борба, како и секогаш во историјата и дека наредната година празникот, ќе го дочека во поинаква атмосфера. Куманово додели и благодарници на заслужни поединци и установи меѓу нив и на Здравствен дом Куманово, Слободан Ковачевски, Фериз Дервиши, градоначалник на Гњилане, Љутфи Хазири, Петар Николовски. Куманово со повеќе манифестации, но согласно протоколите го одбележува Денот на ослободувањето. ам/мс/

Остани поврзан