• петок, 22 ноември 2024

Светските лидери им честитаа на Бајден и Харис

Светските лидери им честитаа на Бајден и Харис
Вашингтон, 20 јануари 2021 (МИА) - По денешната инаугурација во Вашингтон, политички и верски лидери од целиот свет и странски политичари испратија честитки до 46-от претседател на САД, Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис. „Соединетите Американски Држави се враќаат. Европа е подготвена да ги обнови врските со својот стар, доверлив партнер и да внесе нов живот во нашиот скапоцен сојуз. Со нетрпение очекувам да соработувам со претседателот Бајден", напиша на Твитер претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Британскиот премиер Борис Џонсон му честиташе на претседателот Бајден и изрази надеж дека ќе работат заедно на зајакнување на меѓусебната соработка. Германскиот претседател Валтер Штајнмаер оцени дека денеска е добар ден за демократијата и дека по постизборните обиди за поделба на американскиот институционален систем, нему и на  многу германски граѓани им олесни. Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека Канада и САД ќе продолжат со партнерството во борбата против пандемијата на коронавирусот, во областа на економското закрепнување и унапредување на демократијата, мирот и безбедноста ширум светот. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денешната инаугурација ја нарече „историска“ и потсети на неговото долгогодишно лично пријателство со претседателот Бајден. „Очекувам понатамошно зајакнување на американско-израелското пријателство и мирот меѓу Израел и арапските земји“, порача Нетанјаху во честитката. Честитка за Бајден пристигна и од палестинското движење Хамас, во која се вели дека Палестинците не жалат за заминувањето на претседателот Доналд Трамп. „Претседателот Бајден мора да го сврти курсот на неправедната и погрешна политика на Трамп против Палестинците и да воспостави основи за стабилност и безбедност во регионот“, се вели во пораката на Хамас. Премиерот на Јапонија, Јошихиде Суга исто така им честиташе на претседателот Бајден и потпретседателката Харис. „Јапонија и САД се цврсто поврзани сојузници кои споделуваат универзални вредности“, напиша премиерот Суга на својот профил на Твитер. Чилеанскиот претседател Себастијан Пинера им порача на Бајден и Харис дека посветеноста кон демократијата, слободата и човековите права не познава граници. Колумбискиот претседател Алваро Урибе рече дека Америка е пример за демократија и значаен сојузник, а мексиканскиот претседател Мануел Лопез Обрадор, покрај најдобрите желби до претседателот Бајден, рече дека пандемијата, економското закрепнување и миграциската политика ќе бидат клучни области на билатерална соработка, пренесува Си-Ен-Ен. Пакистанскиот премиер Имран Кан изрази очекување дека ќе изгради посилно партнерство со САД во областа на економијата, во борбата против климатските промени и корупцијата, во зајакнувањето на јавното здравје и постигнувањето мир во светот. Слична порака за поддршка испрати и премиерот на Индија, Нарендра Моди, кој се заложи Индија и САД заеднички и одлучно да се соочат со предизвиците и да ги зајакнат мирот и безбедноста во светот. Веднаш по инаугурацијата, папата Франциск испрати порака до 46. претседател на САД со надеж дека Бајден ќе работи на создавање општество со вистинска правда, слобода и почитување на правата и достоинството на секој поединец, особено на најсиромашните, најранливите и на оние кои немаат право на глас. паг/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан