• недела, 22 декември 2024

Светските агенции за исходот од изборите во Бугарија

Светските агенции за исходот од изборите во Бугарија

Софија, 2 април 2023 (МИА) -  Бугарските конзервативци и либералите, се чини, и овој пат ќе имаат изедначени резултати на вонредните парламентарни избори, што навестува нова загатка за формирање стабилна влада во земјата, забележува Франс прес.

Ова беа петти избори во Бугарија за две години, додава агенцијата.

Според различни излезни анкети, коалицијата предводена од поранешниот проевропски премиер Кирил Петков и конзервативната партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов имаат речиси еднаков резултат. Уште еднаш, излезноста на гласачите беше многу мала (38,49 проценти), додава агенцијата.

Далеку од надежите што ги поттикна бранот антикорупциски демонстрации од летото 2020 година, Бугарија, каде што инфлацијата е висока и која е најсиромашна во ЕУ, е заглавена во скапа политичка криза, додава агенцијата. Од падот од власта на експремиерот Бојко Борисов различни политички формации не можеа да формираат стабилна владина коалиција.

Франс прес, исто така, посочува дека кризата се влоши и поради конфликтот во Украина и дека постои неединство во општеството во однос на помошта што треба да му се обезбеди на Киев.

Прорускиот табор забележа раст на популарноста и на резултатот на овие избори, додава Франс прес, посочувајќи на младата партија „Препород“, која ја дефинира како ултранационалистичка. Таа одбива какво било снабдување со оружје за Киев и отворено ја брани идеологијата на Кремљ, како и социјалистите на БСП, наследници на поранешната Комунистичка партија, која некогаш владееше со земјата, истакнува Фрас прес.

Пред гласањето, Лукаш Мачек, вонреден истражувач во Институтот Жак Делор за Централна и Источна Европа, кажа дека е скептичен за можниот исход доколку Бојко Борисов не се повлече.

-Го наоѓаме истиот модел како и во другите централноевропски земји - поранешен лидер се држи за власт, додека другите партии одбиваат да се здружат со него, без да имаат многу заедничко едни со други во секој случај, вели Мачек.

Меѓутоа, самиот Борисов предупреди дека доколку Бугарија се доведе во ситуација да организира и нови шести по ред избори тоа ќе биде самоубиствено, бидејќи повеќето луѓе сакаат крај на нестабилноста, потсетува Франс прес.

Агенцијата потсетува и дека имиџот на Борисов како човек од народот бил нарушен поради сомневањата за корупција, а по претходните избори тој не успеал да формира влада поради недостиг од сојузници, иако тогаш бил на прво место.

Франс прес го цитира Кирил Петков, противкандидатот на Борисов, кој вели дека сака Бугарија конечно да го живее животот на нормална европска земја и нејзините граѓани да престанат да емигрираат.

Агенцијата Франс прес додава дека доколку по овие избори не се формира влада, повторно ќе има привремен кабинет назначен од претседателот Румен Радев, кој и самиот е жестоко против испраќање оружје во Украина.

Реформистичката коалиција предводена од поранешниот премиер Кирил Петков е веројатниот победник на изборите во Бугарија, според резултатите од излезната анкета, забележува Асошиетед прес.

Меѓутоа, агенцијата забележува дека може да поминат денови додека се објават конечните официјални резултати од гласањето. Доколку ги потврдат резултатите од излезната анкета, коалицијата на Петков ќе добие мандат за формирање влада, соопшти агенцијата, повикувајќи се на излезната анкета на Галуп.

Но, се чини дека таа ќе има тешка задача да најде сојузници за да формира владина коалиција во фрагментиран парламент. Според политичките аналитичари во Бугарија, не е исклучена можноста за други избори, но може да се постигне и остварлива коалиција.

Прозападниот реформски блок освои најмногу места на парламентарните избори во Бугарија, наведува Ројтерс, повикувајќи се на излезните анкети на Галуп и Тренд.

Ова беа петти избори во две години, бидејќи личната антипатија меѓу лидерите на двата главни политички блока го спречи формирањето на стабилна коалициска влада, додава агенцијата, мислејќи на коалицијата предводена од Кирил Петков и ГЕРБ на Бојко Борисов. Коалицијата предводена од Петков конкретно ги обвинува Борисов и неговата партија ГЕРБ за неконтролираната корупција во Бугарија за време на нивното 10-годишно владеење, кое заврши во април 2021 година. Борисов ги отфрла овие обвинувања.

Неуспехот во напорите за формирање стабилна влада сега може да ги поткопа надежите на Бугарија за приклучување кон еврозоната во блиска иднина и да може ефикасно да ги користи европските фондови за закрепнување од пандемијата на коронавирус, додава агенцијата.

Ројтерс ги наведува останатите партии кои, според излезните анкети, ќе влезат во парламентот, вклучително и Препород, дефинирана од агенцијата како националистичка партија со симпатии за рускиот претседател Владимир Путин во војната во Украина. Позицијата на „Препород“ како трета партија, според анкетата на Галуп, исто така ја става во потенцијална улога како партија со влијание врз одлуките што ќе се носат во новиот Парламент. сд/

Остани поврзан