• четврток, 19 декември 2024

Мајчиното млеко е важна храна, доењето на работно место е глобален проблем

Мајчиното млеко е важна храна, доењето на работно место е глобален проблем

Скопје, 3 август 2023 (МИА) - Доењето на работно место е глобален проблем кој треба да се реши што поскоро, бидејќи мајчиното млеко е храна и таа треба да биде достапна во секое време и во секоја институција, беше истакнато на денешната конференција по повод одбележување на Светската недела на доењето.

Претставници на Комитетот за доење на конференцијата, која се одржа во просториите на Министерството за здравство, посочија дека поради алармантноста на оваа проблематика, токму доењето на работно место е мотото на овогодинешниот светски ден.

-Доење на работа, тоа е ова мото кое можеби е иницирано во светот во глобални рамки од проблемите со кои се соочуваат одредени држави заради постоењето на недоволни законски регулативи. Постои пад на доењето токму поради овие причини, на пример во Америка само во девет држави е имплементирано доењето да мора да биде платено кога мајката ќе излезе од работното место или кога ќе се донесе бебето на работно место да може да биде доено, бидејќи тоа е лек, тоа е храна неспоредлива со ниедна друга адаптирана формула, порача д-р Мими Кимовска-Христова.

Кимовска-Христова посочи дека подигањето на свеста кај сите работодавачи е од клучно значење, бидејќи така ќе се овозможи непрекинато доење на детето, без разлика дали тоа ќе биде преку доење во домашни услови или носење на работно место. 

-Без разлика на кој начин, она што е важно е правото на доење да биде овозможено без никакви пречки, подвлече докторката.

Апелира доењето да биде овозможено и на сите други јавни места без присуство на предрасуди од околината.

Кимовска-Христова воедно информира дека во последниот период е забележан пораст на бројот на предвремено родени деца, а на нив, како што рече таа доењето им е и повеќе од потребно.

Во однос на адаптираните простории рече дека иако се малку, сепак се присутни, но само во приватните институции, а тоа според докторката треба веднаш да се промени.

Претставниците на Комитетот, исто така истакнаа дека покрај адаптирани простории во секоја институција ќе иницираат и зголемување на законски предвидениот рок за доење на работно место.

-Јас знам дека Комитетот за безбедно мајчинство и Министерството ќе застанат позади ова, но јас не знам дали треба да имаме работна средба, како тоа да го изведеме ќе видиме во иднина, ќе се договориме заедно со министерот да биде тоа и секако со претставници од Влада. Значи тоа е еден проблем во нашата држава кој треба сеопфатно да биде решен, изјави докторката.

Во рамки на одбележувањето на неделата на доење Институтот изработи Водич за доење којшто е достапен онлајн на официјалната страна на Институтот. свс/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан