• вторник, 09 декември 2025

Светило што не згаснува - празнично слово на митрополитот г. Јосиф изречено на литургијата во Соборниот храм во Скопје по повод државно-црковниот празник св. Климент Охридски

Светило што не згаснува - празнично слово на митрополитот г. Јосиф изречено на литургијата во Соборниот храм во Скопје по повод државно-црковниот празник св. Климент Охридски

Скопје, 8 декември 2025

Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф

Ваше Блаженство, Почитувана претседателке, Ваши Високипреосвештенства, почитувани претставници на државните институции, чесни отци, драги браќа и сестри,

Вдахновен од Светиот Дух, Кој повторно се излеа на ова евхаристиско свештенодејство, по молитвите на нашиот патрон свети Климент, во чиј спомен веќе неколку дена прославува целокупната наша Црква и држава, ете во овој празничен миг, со благослов на нашиот блаженејши Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан – застанувам на ова амвонско место за да произнесам слово за оној, кој нè воспита во верата, кој нè научи преку своите писанија и ни даде пример како треба да се говори за оние што оставиле вечно наследство што „ниту молец го јаде, ниту рѓа го уништува“2, се наведува во празничното слово на митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, изречено на денешната литургија во Соборниот храм во Скопје по повод државно-црковниот празник свети Климент Охридски, кое МИА интегрално го пренесува.

Стоејќи тука во неговиот свештен храм, каде што е собрана живата Црква македонска и светиклиментова со благодатно чувство потполно свесен за величието Климентово и за значењето на денешново сенародно чествување мора да искажам дека со човечките можности тешко можеме во целина да ја доловиме неговата света личност и живот, како и важноста на неговото дело и мисија во македонските краишта, со кои не само што го оживеаа христијанското слово, туку и го удри темелот, ја даде основата на идниот развој на црквата во Македонија низ годините и вековите.

Во овие сепразнични мигови, кога, повторно го празнуваме неговиот божествен спомен природно е да се потсетиме на неговиот свет живот, на неговите слова и на неговите бесмртни дела, со кои како што пееме во неговиот тропар „се издигнал кон божествен и блажен живот“3. Воздигнувајќи се кон небесата со својот неуморен подвиг тука на земјата, себлажениот Климент осветен зачекори во вечниот живот, постанувајќи ни пример за следење во сите времиња. Неговата светост стои над времето и над сите земни граници и секогаш го осветлува нашиот духовен мрак. Затоа и покрај сета

временска минливост, покрај сета неизвесност што ја носи животот и покрај сите наши човечки лутања под небото, секогаш како топол заштитник и прибежиште од нашите животни искушенија го имаме светиот Климент, кој како Божји светител и наш молитвеник неизмерно стои над времето, како најсилен столб и наше засолниште преку чие богоносно наследство и пораки повторно го наоѓаме патот кон Бога. Тој е нашето нашето светило, кое според библиските зборови, не може да се сокрие, туку ни свети на сите4 и го осветлува патот кон вечноста. Зашто светлината на верата што тој ја запали не згаснува со вековите, туку останува да биде утеха, поткрепа и сигурен ориентир кон вечноста за сите што ја бараат вистината и спасението во Христа.

Почитувани,

Осветлени и просветлени од светлиот лик на нашиот небесен покровител и од ризницата на неговото духовно наследство – создавано од него како наш пастир, епископ, учител, просветител, книжевник, мисионер, светител и патрон – ние со восхит гледаме на светиот Климент како на достоен продолжувач на мисионерското дело на плејадата богоносни духовници ширено на македонската библиска земја, во која христијанството најпрво го засади светиот апостол Павле. Тоа семе на верата, одгледувано од првите христијански мажи и жени, напојувано со крвта на мноштвото маченици, воздигнато од ранохристијанските отци и епископи од Стоби и Хераклеја до Лихнида, па сè до Скупи и Баргала, понатаму прославено преку архиепископијата Јустинијана Прима и чувано од многуте знајни и незнајни христољупци и од светите рамноапостолни словенски учители Кирил и Методиј – во свети Климент го доби своето обновување, својата полнота и својот благодатен процут. Носејќи ги тој длабоко во себе чисти Светото предание и сите црковни традиции и останувајќи верен на кирилометодиевата традиција дошол во оваа земја, покажувајќи се на дело, по Христовиот пример, како вистински добар пастир, кој си ја полага својата душа за своите5, како што слушнавме од евангелското четиво. И тој наш пастир, не само што го продолжил евангелизирањето на својата доверена паства, туку и постанал вистински народен предводник, кој со својот духовен труд и ревност постана наш образец за следење, светилник на словесноста и темелник на нашата духовна самобитност.

За таа сеопфатна Климентовата дејност, во неговото опширно житие, меѓу другото е напишано и следното: „… грижата за народот му била храна и задоволство. Тој секогаш поучувал и секогаш распоредувал, поправајќи го незнаењето, и доведувајќи го во ред безредието, станувајќи се за сите (сп. 1 Кор. 9,22), според потребата на секого“6. Гледате ли каков душегрижник прославуваме. Гледате ли каков дар од Бога за нашиот народ е светиот Климент? Неговото доаѓање во Охрид и во нашата Македонија несомнено е дело на неискажливата Божјата промисла за целокупниот наш народ. За таа милост кон нас денес пак да Му заблагодариме најнапред на Семудриот Бог што ги услиша молитви на нашите предци и им го испрати за пастир светиот Климент, кој иако живеејќи во еден специфичен историски контекст, сепак од бреговите на Охридското езеро со Божја помош и со својот неуморен духовен труд успеал да ја „осветли темнината7“ , која во тоа мрачно време била присустна на македонските простори и да ги утврди темелите и зародишот на идната Светиклиментова Охридска архиепископија. Благодарение на него, во овие тешки современи времиња полни со разни искушенија и предизвици ние ја чувствуваме силата и благодатта на апостолска вера што непрекинато низ вековите го хранеше, водеше и оформуваше самостојниот духовен и културен бит и идентитет на македонскиот народ, кој до ден денешен е единствено верен на Светиклиментовото дело и традиции.

Возљубени чеда на свети Климент,

Денес, по повеќе од илјада години од блаженото упокоение на нашиот свет отец и просветител, повторно нашиот народ е соочен со бројни искушенија и проблеми – и духовни, и општествени, и семејни, и лични. Истите оние бранови на неизвесност, кои во Климентовото време ја притискаа македонската земја, и денес на друг начин ги допираат срцата на луѓето, обидувајќи се да ја затемнат светлината на верата и да го разнишаат духовниот мир на нашиот народ, држава и црква. И во тие мигови кога повторно се соочуваме со разни оспорувања и предизвици, сакам да нагласам дека секогаш треба пред нашите очи да го имаме светиот Климент, нашиот патеводител и нашиот постојан молитвен застапник пред Бога. И, славејќи го неговиот спомен, особено е важно како народ да разбереме нешто суштинско, што при овогодинешното чествување сакам да го потенцирам. Никогаш да не го сведуваме празнувањето на нашиот Климент само како

историска личност, туку најпрво да го чествуваме достојно како светител — како оној кој успеал да ги победи искушенијата и да се овенча со венецот на правдата8 и вечниот живот. А за начинот како доликува достојно празнување на споменот на светителите, вклучително и на денешниот празник, поука ни дава самиот денешен славеник, кој во едно од своите слова, говорејќи за празнувањето во духот на Евангелието, најнапред вели: „Да се собереме во црква на молитва.“9, вака како што и ние во овие мигови сме тука во храмот литургиски собрани со искрени молитви кон нашиот патрон за тој да се застапува пред престолот Божји и да не крепи во сите животни бури да останеме цврсти во верата, трпеливи во надежта и истрајни во доброто.

На ова негово вдахновено поучување би ги додал и следните негови зборови со кои тој ја дава подлабиката смисла на прославувањето на празниците, а кои се надоврзуваат во истото слово: „А кога ги славиме празниците на светите, тоа треба да го правиме вака: пред се, треба да се уподобуваме на нивната чистота, на нивниот добар живот и на нивното угодување на Бога“10. Овие Светиклиментови зборови се пораки што нè повикуваат без двоумење да чекориме по патот на вистината, љубовта и словото Христово. Тоа се пораки што и денес го осветлуваат нашето патешествие како народ и како Црква и нè водат по оние патеки што самиот тој прв ги утврди со својата светост и со своето неуморно духовно и просветителско дело.

Возљубени празникољубци,

Како народ, како Црква и како држава треба постојано да се трудиме најдостојно да го прославуваме светиот Климент, нашиот небесен покровител и закрилник пред Бога, бидејќи само така ќе го зачуваме неговиот свет спомен, а чувајќи го неговиот спомен и традиции ние се чуваме себеси, нашата држава и нашата црква, зашто неговиот живот, дело и поуки, односно неговата богољубива и света личност е наша основа, поткрепа и патоказот кој што нè води по патот на верата, мудроста и словото. Да продолжиме по неговиот пример непоколебливо да чекориме по патот на добродетелта и спасението, секогаш имајќи на ум дека Бог сите нас нè повикува кон преобразување и достигнување на светоста.

На тој пат кон спасението да се помолиме да нè води светиот Климент, зашто тој е оној чиј живот и чија духовна оставина се темел на нашата духовна свест и идентитет. Да го чуваме Светиклиментовиот завет и сè она што ни го остави во наследство, да живееме според неговата поука и да се насочиме и да стоиме во единството што тој го заветуваше — единство во Христа, единство во Црквата и единство во доброто. И како што во сите времиња го крепеше нашиот народ, така и денес, по неговите свети молитви, да нè укрепи Господ да ги победиме сите искушенија што стојат пред нас, да ги надминеме сите меѓусебни поделби и недоразбирања за да останеме народ Божји, народ Христов, народ светиклиментов.

Озарени од Светиклементовата светлина што не згаснува и така преку неа силно утврдени во верата, просветлени во умот и облагородени во срцето, да продолжиме да чекориме по патот што ни го осветли нашето најсјајно светило– светиот Климент, постојано и сега и секогаш и во сите векови! По неговите свети молитви, да биде благословено нашето празнување, да биде благословен нашиот народ и да бидат благословени нашата држава и светата Црква. Амин! Нека е за многу години црковно-државниот празник! Свети Клименте моли Го Бога за нас!

Фото: МПЦ - ОА

Остани поврзан