• недела, 22 декември 2024

Ќе се дигитализираат 20 нови услуги во првите 100 дена од работата на Владата, сајбер безбедноста ќе биде приоритет

Ќе се дигитализираат 20 нови услуги во првите 100 дена од работата на Владата, сајбер безбедноста ќе биде приоритет

Скопје, 28 јуни 2024 (МИА) – Министерството за дигитална трансформација во наредниот период ќе дигитализира 20 нови услуги што им се потребни на граѓаните и компаниите, a кои ќе бидат достапни на порталот uslugi.gov.mk во првите 100 дена од работата на новата Влада. Од нив 10 ќе бидат за бизнисите, а 10 за граѓаните.

Како што најави ресорниот министер Стефан Андоновски на денешната средба со новинарите, ќе следи и редизајн и надградба на порталот за лесна и брза употреба.

- Кажуваме збогум на чекањето во редици, преполни шалтери или вртење на погрешни телефонски броеви. Дополнителните електронски услуги ќе овозможат многу лесно и едноставно  да се завршат сите административни обврски од домот, канцеларијата или во движење. Во наредниот четиригодишен мандат се надевам дека ќе обезбедиме тоа да се прави преку мобилните уреди, рече Андоновски.  

Порача дека во минатото ќе остане концептот на „многу глави, многу функции и многу преклопувања“ и додаде дека на врвот на обврските на Министерството и приоритетна инвестиција ќе биде сајбер безбедноста зашто е основата на која се гради доверба во системите и ја штити приватноста на граѓаните.

-Ќе влеземе во период на брза и динамична дигитална трансформација, ќе работиме ефикасно и ефективно за граѓаните веднаш да ги почувствуваат придобивките од нашите напори. Нашите цели се задоволни граѓани кои користат владини услуги на лесен, брз и ефикасен начин, сузбивање на корупцијата, спречување на одливот на квалитетен кадар, функционални институции, заштитени  податоци и системи и слободен и развиен медиумски простор, потенцира Андоновски.

Од понеделник најави формирање на нови работни групи што ќе ги изработуваат Националната ИКТ стратегија и Националната стратегија за сајбер безбедност.

-Изработката на стратегиите ќе се потпира на постојните документи што ги имаме, но ќе обезбеди и поголема вклученост на сите засегнати страни меѓу кои меѓународните партнери, коморите, академската заедница. Столбовите на стратегиите ќе ги опфатат главните приоритети, односно  дигиталната поврзливост, ИКТ инфраструктура, дигитални вештини, дигитална влада, дигитализација на бизниси, ИКТ овозможувачи и дигитални иновации, прецизира Андоновски.

Паралелно, како што посочи, ќе се работи и во насока на надградба и максимална искористеност на  Националната платформа за интероперабилност, развој на Националниот портал за електронски услуги и развој и употреба на електронски услуги за граѓаните.

-Дигитализацијата не е избор, таа е неминовност и нешто што ќе не следи и во иднина. Затоа сме силно мотивирани да ја искорениме корупцијата токму со помош на дигитализацијата, порача Андоновски.

Во фокусот, додаде, ќе бидат младите и образованието, ќе градиме дигитална иднина и ќе вложуваме во обуките и образованието, ќе промовираме високи стандарди во технолошкиот развој преку насочени инвестиции со цел повторно земјава да ја позиционираме како центар  за технолошки иновации и да биде лидер во регионот во ИТ индустријата. вј/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан