Саудиски авиони наводно бомбардирале позиции на јеменски сепаратисти
- Сепаратистите во Јемен соопштија дека Саудиска Арабија денеска извршила воздушни напади врз нивните сили во источниот регион на земјата, пренесе ДПА.
Сана, 26 декември 2025 (МИА) – Сепаратистите во Јемен соопштија дека Саудиска Арабија денеска извршила воздушни напади врз нивните сили во источниот регион на земјата, пренесе ДПА.
Независната телевизија „Аден“, радиодифузер поврзан со сепаратистичкиот Јужен преоден совет (STC), јави дека саудиски авиони рано утрово бомбардирале позиции на силите поврзани со STC во нафтената провинција Хадрамаут во источен Јемен. STC е поддржан од Обединетите Арапски Емирати.
Телевизијата објави снимки од она што го опиша како последици од нападите, но не даде детали за жртви или материјална штета. Засега нема коментар од Саудиска Арабија.
Наводните воздушни напади уследија по жестоките судири меѓу силите на STC и борците од ривалскиот Племенски сојуз на Хадрамаут. Локални извори во Хадрамаут за ДПА изјавија дека во борбите загинале најмалку двајца борци поврзани со STC, а 12 биле ранети.
Саудиска Арабија почна воена интервенција во Јемен во 2015 година за поддршка на меѓународно признатата влада против бунтовниците Хути поддржани од Иран.
Претходно овој месец избувнаа борби меѓу силите про-STC и владата поддржана од Саудиска Арабија, што ги подгреа стравувањата од понатамошни поделби во осиромашената земја. Во тоа време, STC соопшти дека зазел големи делови од Хадрамаут и соседната провинција Ал-Махра, кои заедно сочинуваат приближно половина од територијата на Јемен, што предизвика регионални и меѓународни повици за воздржаност.
Иако STC и јеменската влада долго време беа сојузници во коалицијата предводена од Саудиска Арабија против Хутите, сепаратистите постојано ги предизвикуваа своите партнери во обид да ја прошират својата контрола и да издејствуваат отцепување на јужен Јемен. јт/
Фото: ЕПА