• недела, 22 декември 2024

Сара Силверман ги тужи „Мета“ и „Опен-АИ“ поради ВИ

Сара Силверман ги тужи „Мета“ и „Опен-АИ“ поради ВИ

Сан Франциско, 10 јули 2023 (МИА) - Комичарката и писателка Сара Силверман, заедно со писателите Ричард Кадри и Кристофер Голден, поднесе тужба против „Мета“ и „Опен-АИ“, поради наводна неовластена употреба на нивните дела и содржината за вештачка интелигенција што собира сознанија, т.е. „учи“ јазици. Американските писатели бараат парична отштета, без да наведат износ.

Содржината на нивните книги е заштитена со авторски права, а била користена од „Мета“ и „Опен-АИ“ за обука на чет-ботови, според тужбата поднесена во петокот во Федералниот суд во Сан Франциско, САД. Во обвиненијата против „Мета“, писателите тврдат дека анонимно откриените податоци за бизнисот на компаниите покажуваат дека вештачка интелигенција го користела напишаното без дозвола.

Во тужбата против „Опен-АИ“, тужителите се повикуваат на резимеа за својот труд генериран од чет-ботот на тужената компанија - „Чет-ГПТ“, за кои тврдат дека покажуваат оти чет-ботот научил од нивната содржина заштитена со авторски права.

„Некои подробности во резимеата се погрешни, но тие сепак покажуваат дека 'Чет-ГПТ' го задржува знаењето од конкретни дела во базата на податоци - за обука“, се вели во тужбата.

„Мета“ и „Опен-АИ“ не одговорија веднаш на барањето на западните медиуми за коментар за обвинението.  си/паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан