• недела, 22 декември 2024

„Самсунг“ ќе гради фабрика за полупроводници во вредност од 17 милијарди долари

„Самсунг“ ќе гради фабрика за полупроводници во вредност од 17 милијарди долари
Сеул, 29 септември 2021 (МИА) - Јужнокорејската технолошка компанија „Самсунг електроникс“ планира да гради фабрика за полупроводници во вредност од 17 милијарди долари во САД, во округот Вилијамсон, Тексас. Како што објавија западните медиуми, компанијата е заинтересирана за ова место поради можните субвенции и достапноста до стабилни извори на вода и електрична енергија. Самиот јужнокорејски технолошки гигант соопшти дека продолжуваат со истражување повеќе места и сѐ уште нема конечна одлука околу тој избор. Фабриката ќе се гради на површина од 557.000 квадратни метри и планирани се околу 1.800 нови работни места. Изградбата веројатно ќе почне во јануари, со цел до крајот на 2024 година погонот да го започне производствениот процес. Голем број компании низ светот денес се соочуваат со глобален недостаток на полупроводници, што ги принудува да го запрат или намалат производството. Дефицитот што се појави лани, е поврзан со брзото зголемување на побарувачката за електроника, но и за автомобили, а во контекст на пандемијата. Говорејќи на седница на Европскиот парламент во Стразбур на 15 септември, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен нагласи дека и ЕУ има намера да се насочи кон намалување на зависноста од Азија околу производството на полупроводници. си/гт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан