Самија Сулуху Хасан положи претседателска заклетва во Танзанија
- Претседателката на Танзанија, Самија Сулуху Хасан, денеска положи заклетва за својот прв избран мандат по убедливата победа на изборите што предизвикаа жестоки протести низ целата земја, во кои загинаа десетици лица.
Додома, 3 ноември 2025 (МИА) - Претседателката на Танзанија, Самија Сулуху Хасан, денеска положи заклетва за својот прв избран мандат по убедливата победа на изборите што предизвикаа жестоки протести низ целата земја, во кои загинаа десетици лица.
Хасан, која дојде на власт во 2021 година по смртта на нејзиниот претходник, а беше прогласена за победничка на изборите минатата недела со 97,66 отсто од гласовите.
Хасан положи заклетва на церемонија во воена база во административниот главен град Додома.
Хасан (65) имаше отворен пат до победата откако двете водечки опозициски партии беа исклучени од претседателската трка, а нејзини ривали станаа кандидати од помали партии.
Тунду Лису, главниот лидер на опозицијата, е во затвор под обвинение за предавство, што тој го негира.
Единствениот друг сериозен кандидат, Лухага Мпина, беше дисквалификуван поради правно- технички пропусти.
Поради исклучените кандидати на главните опозициски партии, избувнаа жестоки протести за време на кои владините институции беа запалени. Полицијата одговори со солзавец и пукање, објавија очевидци.
Главната опозициска партија тврди дека стотици луѓе се убиени во протестите во Дар ес Салам и Мванза.
ОН соопшти дека може да потврди за најмалку 10 мртви.
Владата ги отфрла бројките за стотици мртви како „грубо претерани“.
Европскиот парламент остро ги осуди изборите во Танзанија, тврдејќи дека „тие не биле ниту слободни, ниту фер“. ЕП претстави многу мрачна слика за изборниот процес во Танзанија, обвинувајќи ги властите за заплашување, цензура и систематско уништување на граѓанските слободи пред гласањето. сд/
фото: Х