• вторник, 19 ноември 2024

Сали: Од „Жан Митрев“ добивме 560 досиеја за пациенти кои биле третирани со хемофилтрација, потребно е време за анализа

Сали: Од „Жан Митрев“ добивме 560 досиеја за пациенти кои биле третирани со хемофилтрација, потребно е време за анализа
Скопје, 29 јули 2022 (МИА) - Ние добивме материјали од „Жан Митрев“, беа кооперативни и ни ги доставија сите побарани материјали. Се работи за 560 ковид-пациенти кои биле третирани со хемофилтрација. Ќе ни треба време за анализа на тие 560 досиеја коишто се обемни. Да бидеме реални 560 предмети ќе ни одземат доволно време за ние на јавноста на крај да ѝ дадеме конечен прецизен извештај што се случувало во Жан Митрев, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали. - Побаравме соработка на пет институции кои се поврзани со Министерството за здравство: ДСЗИ, Лекарска Комора, МАЛМЕД, Комисијата за интрахоспитални инфекции и Стручната комисија која ќе работи на анализа на секој поединечен случај за индикациите за примена на хемофилтрација во третирањето на ковид пациенти. Притисокот е огромен од јавноста за брзо решение и брзи заклучоци на комисијата за овој случај, истакна министерот за здравство, Беким Сали, при одговор на новинарско прашање во врска со случајот „Жан Митрев“. Напомена дека е потребно време за анализа на тие 560 досиеја, затоа што, како што рече, имаме пациенти кои престојувале таму и по еден месец. -Целиот тој третман треба да се анализира од експерти, лекари коишто цел живот тоа го работат. Тоа се групи формирани од четири клиники: Кардиохирурија, Интензивна клиника, Инфективна и Нефрологија. Ќе го анализираат секој поединечен случај и мора да напишат извештај на секој поединечен случај, истакна тој. Сали побара да се даде простор и здравствените работници и институциите да ја работат својата работа, затоа што, како што рече, и тие се дел од општеството, и дека не би сакал во ниту еден момент кој било еднострано да гледа на случајот, туку, според министерот, мора да се гледа од сите страни за да се донесе прецизен заклучок во врска со овој случај. По објавата на документарната емисија од Истражувачката репортерска лабораторија со наслов „Нечиста крв“, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет врз основа на инструментот на допрен глас, предвиден во Законот за кривична постапка. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој ќе преземе дејствија за проверка на наводите од кои произлегуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето. Потоа, ИРЛ, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници преку соопштение до медиумите го повикаа Јавното обвинителство сериозно да му пристапи на случајот со Клиничката болница „Жан Митрев“ и особено да посвети внимание на постапувањето на државните институции при контролата на јавните и приватните здравствени установи. Според овие организации, останува нејасно, зошто ниту институција не реагирала пред објавата на документарниот филм, со оглед на фактот што хемофилтрацијата била со месеци агресивно рекламирана на телевизиите од сопственикот на болницата, доктор Жан Митрев, особено затоа што претходниот министер за здравство, Венко Филипче, кој беше на позиција кога Ковид пандемијата стана реалност, ја убедуваше јавноста дека методот на хемофилтрација (филтрација на крвта) не е испитан, ниту пак медицински гарантира спас од коронавирусот, кој однесе илјадници човечки животи во државава. Од друга страна стотици пријави од граѓани за неправилности и злоупотреби во рамки на државниот и приватниот здравствен систем пристигнале до редакцијата на ИРЛ, по објавувањето на  документарецот. сх/ац/

Остани поврзан