• петок, 27 декември 2024

Приоритети во програмите за работа на кандидатите за ректор на УКИМ

Приоритети во програмите за работа на кандидатите за ректор на УКИМ

Скопје, 20 мај 2023 (МИA) - На факултетите и институтите во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, на 30 мај од 12 до 14 часот ќе се спроведе гласање за избор на ректор на УКИМ за мандатниот период 16 септември 2023 – 15 септември 2026 година. На конкурсот се пријавија шест професори и сите кандидатури беа прифатени од Универзитетската изборна комисија. 

Нивните програми за работа се објавени на веб-страницата на УКИМ (ukim.edu.mk). Во пресрет на изборите, МИА разговараше со шестемина кандидати и, денеска и утре, ги објавува нивните клучни приоритети во работата доколку бидат избрани за прв човек на најстариот и најголем универзитет во државава. 

Вработување млад академски кадар со асистенти и зајакнување на кадровскиот потенцијал на УКИМ, зајакнување на компетентноста за аплицирање на меѓународни проекти, покачување на платите на наставниот кадар и администрација и постојан развој на студиските програми - се меѓу приоритетите на кандидатот за ректор проф. д-р Горан Ајдински од Филозофскиот факултет. 

Во однос на кадарот, тој вели дека негов приоритет како ректор ќе биде да бидат примени најдобрите, како добар начин тие да останат во државава, да го подигнат научниот потенцијал со научни истражувања и пишување трудови.

За зајакнување на компетентноста за аплицирање на меѓународни проекти при УКИМ, посочува Ајдински, во ректоратот ќе се формира тело кое ќе биде одговорно за сите проектни активности, од професори и обучен персонал, експерти кои ќе ја синхронизираат целата работа и со другите тела на факултетите.

-Платите на професорите и администрацијата се убедливо најниски во целиот регион. Слична состојба е и во нашата држава. Ќе настојуваме, ќе вршиме притисок, ќе разговараме со надлежните органи. Во тој контекст значајно ќе биде настојувањето за обединување на двата синдиката при УКИМ, изјави Ајдински за МИА, појаснувајќи го приоритетот за покачување на платите на наставниот кадар и администрација.

Ајдински ќе се залага за постојан развој на студиските програми во текот на целиот период додека дојде следната акредитација. 

-Во програмата наведов дека наставниот кадар ќе може да направи интервенција во наставните програми во обем не повеќе од 30 отсто со Одлука од Наставно-научниот совет без повторна акредитација на програмата, посочува Ајдински.

За поддршка на студентите кои, вели, се суштината на постоењето на Универзитетот, ќе се залага за основање фонд за поддршка на талентирани студенти, директна комуникација со работодавачите, стопанството, домашните и странските фирми за вработување на идните студенти, зголемување на нивната мобилност и унапредување на практичната работа и теренската настава.

-Развој на универзитетскиот спорт и студентските лиги, унапредување и запознавање на студентите, пред сѐ, со нивните права, а не само обврски. Поттикнување на критичко мислење кај студентите и, конечно, оживување на студентскиот живот и стандард и културно-забавните активности, вели Ајдински. 

Во својата програма тој се осврнува и на соработката со стопанството и фокусирањето на постојан развој на дигитализацијата и унапредување на информатичкиот систем.

Според кандидатката за ректор проф. д-р Биљана Ангелова од Економскиот институт, предизвиците со кои се соочува Универзитетот се комплексни, но мора да се менаџираат и да се решаваат. Тие произлегуваат, главно, од ограничената автономија, вели таа, пред сè  финансиската и кадровската,  но и од начинот на финансирање генерално, и наведува дека се двата горливи проблема во нивното секојдневно работење. 

-Ќе се залагам овие уставни и законски гарантирани права да ни бидат целосно обезбедени, бидејќи се едни од клучните фактори за ефикасно функционирање на Универзитетот. Мојата визија е УКИМ да прерасне во отворен Универзитет со европски вредности и видлив на меѓународниот високообразовен и научноистражувачки простор. Трансформацијата ќе се одвива со промени и подобрувања во наставата, науката и меѓународната соработка. Како нова активност ќе се залагам за развој на универзитетско претприемништво преку создавање иновации, нивна комерцијализација и трансфер на технологии. Отвореноста и посветеноста стануваат основен пристап во работата, изјави Ангелова за МИА.

Во нејзините приоритети се модернизирање, евалуирање и унапредување на наставните програми и воведување нови современи пристапи на интерактивно учење, иновативни форми на настава и учење, со повеќе практична настава. За поголема вработливост на студентите, вели таа, ќе се залага за акредитирање атрактивни интердисциплинарни студиски програми кои се барани на пазарот на труд затоа што според Болоњската декларација, вработливоста е индикатор за квалитетот во високото образование, и вработливоста на студентите е компонента во многу индикатори за мерење на интернационалното рангирање на универзитетите.

-Затоа е потребно студентите да стекнат не само стручни компетенции, туку и други дополнителни знаења и „трансферзални вештини“ како нумерички, бихевиорални и дигитални вештини. Така ќе добиеме комплетни стручњаци за пазарот на труд, вели Ангелова.

Во својата програма за работа како исклучително важни ги има и капиталните инвестиции во градежните објекти, инсталирање нови лаборатории и обновување на опремата за настава и истражувања на единиците со што ќе продолжи реновирањето и креирање  квалитетни услови за престој и учење. Ќе се залага и за воведување повеќе програми на англиски јазик со цел УКИМ да привлече повеќе студенти од странство.

-Императив е Универзитетот да расте и да се развива. Современите универзитети се ориентирани кон наука и истражувања и нивно инкорпорирање во наставата. Затоа во мојата Програма е предвидена поддршка на универзитетските тимови за членство во Европските конзорциуми за истражувачка инфраструктура, како ERICs, и други истражувачки асоцијации фокусирани на одделни научни области, што ќе доведе до повеќе можности за учество на нашите единици на европските проекти и вмрежување во европската истражувачка инфраструктура. Како и досега, ќе се залагам за поголеми вложувања во подобрување на научноистражувачката инфраструктура на единиците преку обновување на опремата во постојните лаборатории и набавка на нова истражувачка опрема. Посебен акцент ќе биде ставен на поддршка на младите истражувачи (студенти, асистенти и доценти) кои се во раните фази на нивниот кариерен развој со цел да им се олесни патот во науката. Целта е да се задржат младите, квалитетни и талентирани кадри, бидејќи тие се иднината на нашиот Универзитет и на нашата земја, истакнува Ангелова.

Меѓународната соработка и интернационализацијата на Универзитетот во наредниот период, додава таа, ќе бидат рефлексија на поголемата динамика условена од трендот на европеизација и глобализација. 

-Интернационализацијата нуди излез на европскиот високообразовен простор. Во современи услови и согласно европската стратегија за високо образование таа ќе се реализира преку вмрежување во меѓународните академски алијанси. За ефикасно вмрежување ќе мора да се зајакнат интерните капацитети во Одделението за меѓународна соработка со лица кои се докажани интернационални истражувачи од нашата академска заедница, додава Ангелова, која е актуелен проректор за финансии, инвестиции и развој на Скопскиот универзитет.

Новиот столб на развој на УКИМ планира да биде и универзитетското претприемништво при што нагласува дека иновациите и технолошкиот трансфер на знаење кон бизнис-секторот ќе бидат мост на поврзување и можност за развој на универзитетски стартап-компании и развој на универзитетско претприемништво.

- Ректоратот да не биде независна и одвоена еди­­ница од факултетите и институтите, туку нивни помагател и поддржувач во сите нивни научни, наставни и проектни активности. Да избереме ректор на УКИМ, а не ректор на ректоратот, изјави за МИА кандидатот за ректор Ратко Дуев од Филозофскиот факултет.

За да се создадат пристојни услови за студирање и научна работа на сите единици на УКИМ, тој предвидува административна помош за изработка на проектна документација и елаборати од сопствените капацитети на УКИМ. Тоа, како што вели, ќе се постигне со правично вложување на акумулираните средства на сметките од Ректоратот за градежни зафати и набавка на современа опрема и ма­те­ријали за настава и научно-истражувачка дејност според ургентните потреби на единиците, потоа со  зголемување на средствата од буџетот за капитални инвестиции и нивна правична распределба меѓу единиците, а преку новата Програмата за финансирање на видот и обемот на интегра­тивните функции на УКИМ (2023-2026 г.) акцентот ќе биде ставен на повеќе пари за опремување на лабораториите и осовременување на наставата.  

Постојано ќе се води кампања за подигање на општествената одговорност,  во која особено улога ќе има Центарот за дијаспора за повр­зу­ва­ње со компании и фондации на наши иселеници и преку базата на алумни за привлекување на донатори.

Приходите и платите на професорите и вработените во администрацијата, наведува Дуев, останува најголем проблем во нашето општество, а ниските плати и нама­лу­вањето на дополнителните примања, потребата од постојано инвестирање во соп­ствениот професионалниот развој во голема мера го отежнуваат рабо­те­њето на Универзитетот. 

-Во останатите степени на образованието, од 2006 до 2022 година, платите на вработените беа покачени за 85 проценти, а во високото образо­вание за наставниот кадар 27 проценти и 12 проценти за админстрацијата, посочува Дуев, кој е актуелен декан на Филозофскиот факултет.

Синдикатите на УКИМ, Независниот академски синдикат по долги години, вели тој, потпиша договор за зголемување од 17 отсто, а 1 процент за администарцијата, што смета дека е недоволно. Се надева на пот­пишаниот Kолективен договор на Синдикатот на УКИМ кој треба да се применува од 2024.

- На секој иден ректор приоритет во работата мора да му биде решавање на овој проблем, бидејќи во спротивно Универзитетот ќе се соочи со постепено губење на човечкиот ресурс и негово згаснување, порачува Дуев. 

За рангот на УКИМ на светските листи наведува дека подемот или падот е директно поврзан со научната инфраструктура и дека рангот неминовно ќе се подобри со решавање на инфраструктурните проблеми, повеќе научно-истражувачки проекти, поголема достапност до е-би­блиотеките на научни публикации, научни списанија со импакт-фактор, совре­мени лабoратории, алатки за онлајн-истражување што им овозможува на студен­тите, истражувачите и наставниците да создадат ком­плексни истражувања...

Во однос на приоритетот поддршка на студентите, планира покрај средствата од ИКСА (информатички, култур­ни и спортски активности), да се обезбедат дополнителни финансии за стекнување дополнителни вештини и знаења за време на студирањето, преку вклучување на студенти во истражувачки проекти, поддршка на студентски списанија, поддршка на студентски проекти и зголемување на нивната мобилност, подобрување на инфраструктурата за студентите со попреченост итн, а како грижа за младите, ќе почне, како што вели, достојно одбележување на Меѓународниот ден на студентите – 17 Ноември.

(Во продолжението што МИА ќе го објави утре, ќе бидат претставени приоритетите од програмите за работа на професорите кандидати за ректор на УКИМ: Атанас Кочов, Христина Спасевска и Димитар Ташковски).

Хатка Смаиловиќ

Фото: МИА архива / фото архиви на кандидатите за ректор 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан