Рустеми за МИА: Нов пристап за брза и навремена реализација на капиталните проекти
- Капиталните инвестиции на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) од почетокот на годината се реализирани во износ од околу 40 милиони евра или 15 проценти од планираните. Очекуваме ов
Скопје, 12 јуни 2021 (МИА) - Капиталните инвестиции на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) од почетокот на годината се реализирани во износ од околу 40 милиони евра или 15 проценти од планираните. Очекуваме овој процент да се зголеми со зголемувањето на интензитетот на работата. Во споредба со истиот период од минатата година капиталните инвестиции оваа година се поголеми за 5,3 милиони евра или за 15,8 проценти, вели во интервју за МИА директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми.
Тој информира дека во завршна фаза се преговорите со кинескиот изведувачот „Синохидро“, каде е дефинирано до 31.12.2023 година да се продолжи рокот за комплетирање на градежните работи на автопатот Кичево-Охрид. Рокот се пролонгира поради изработка на дополнителна проектна документација (испроектирана во рок од септември 2019-септември 2020) која, потенцира, беше неопходна за завршување на проектот.
Рустеми во интервјуто говори и за Меморандумот за разбирање со компанијата „Бехтел и Енка“ за проектна подготовка и изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан од Коридорот 8, како и за изградба на автопатската делница Прилеп-Битола од Коридорот со којшто се воспоставува нов модел за изградба без тендер, а преку модел што по дефинирањето треба да биде усвоен во Собранието.
-Ова е нов модел, првпат се користи кај нас и веруваме дека ќе ги даде најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа. Наместо да чекаме со години проектирање, па потоа дополнително да чекаме со години реализација, како што имаме примери сега, оваа едноставна постапка е многу побрза и дава побрзи резултати. Новиот пристап нуди брза и навремена реализација на капиталните проекти, нема повеќе калкулантски игри кога е во прашање националниот интерес на граѓаните и државата, вели Рустеми.
Меѓу останатото, се осврнува на тековните активности за автопатот Скопје - Блаце, патиштата кон соседна Бугарија, примената на одлуката за бесплатна патарина за српските државјани, приходите од патарина...
Од 15 јуни треба да стапи во сила одлуката на Владата за бесплатна патарина за српските државјани. ЈПДП е носител на активностите, подготвени ли сте за спровeдување на одлуката и што се предвидува со неа?
Јавното Претпријатие за државни патишта е подготвено во секој поглед, организациски и логистички да одговори на зголеменото движење и транзитирањето на сите учесници во сообраќајот домашни и странски возила кои ќе поминуваат на наплатните станици.
Согласно Одлуката на Владата на Република Северна Македонија за ослободување од плаќање патарина за возила на српски туристи за време на летната сезона, М-Смарт картичките во предвидената количина од 200.000 парчиња веќе се изработуваат сукцесивно, според утврден акциски план.
На сите кабини на наплатните станици од Коридор 10, има читачи на електронски М-Смарт картички, видно обележани со портокалова рамка и доволно е само да се доближи картичката за да се изврши отчитување и со тоа и да се наплати патарина со одземање средства од картичката. Сумата која е ставена како припејд кредит е пресметана сума за патарина за 1Б категорија (патнички возила) за наплатните станици од Куманово (Романовце) до Гевгелија во висина од 760 денари, надомест за патарина во двата правци. Но, со оглед на тоа дека електронската картичка М-Смарт Кард чини 100 денари, вкупната сума за изработка на картичка чини 860 денари.
Веќе изработените М-Смарт картички ЈПДП ќе ги предаде на Министерството за внатрешни работи кои потоа ќе ги распредели на возила со српски туристи кои ќе поминат на ГП Табановце.
Како ги коментирате реакциите во јавноста дека наместо со картички поедноставно ќе беше само да се креваат рампите на патарините за српските државјани, но и критиките дека ослободувањето не важи за патарините кон Охрид?
-Ги следиме, но не ги коментираме. Секој има право на свој коментар и мислење, ова е демократска држава, а ние сме претпријатие кое работи според закон и пропис. Па така, и во овој случај го следиме Законот, а тој е дециден.
Во чл. 66 од Законот за јавни патишта јасно се детерминирани кои возила се ослободени од плаќање патарина, а тоа се полициски возила и возила во полициска придружба, возила на Брза помош, армиски возила, погребално возило и други возила кои по основ на инвалидитет се ослободени од плаќање патарина, и тие мора да бидат јасно обележани.
Од друга страна, нашата детална анализа покажа дека употребата на М-Смарт картички е најефикасен начин да се одговори на Одлуката за ослободување од плаќање патарина за возилата на српските туристи. Имено, предноста на смарт картичките е таа што им се овозможува на корисниците на патот брзо и непречено поминување на наплатните Станици од Коридор 10, без чекање, со што ќе им се олесни самото патување.
Оваа опција (со М-Кард) е многу побрза и побезбедна од алтернативниот начин со издавање на посебен документ, затоа што во тој случај, возилото ќе треба да застане на наплатната станица и да го даде документот на увид, со што би се направил застој, непотребна гужва и секако, непотребна нервоза.
И најважно од сѐ е што што во секое време ние како ЈПДП ќе имаме целосен увид затоа што за секоја изработена картичка има соодветна административна документација, но и во секое време може да се провери искористеноста на средствата, поточно ќе имаме увид во фреквенцијата на возилата кои транзитираат и точниот број на поминати возила.
Сметаме дека со кревање на рампи на возила само ќе се создаде дополнителна гужва и нервоза на самите наплатни станици. Ќе се прави огромен притисок на нашите вработени, затоа што секое возило што поминува на наплатна станица ќе треба да се евидентира и тоа ќе резултира со создавање гужви (колони). Многу важен момент е како што реков и контролата, затоа што со М-Смарт картичките ќе се има точна бројка на поминати возила, а само со кревање на рампа тоа би било значително отежнато. Со М-Смарт картичките се минимизира човечкиот фактор, а се зголемува ефикасноста, како и почитувањето на законот.
За жал, поради целата ситуација со пандемијата на Ковид 19, поради која доцни проектот на имплементација на Електронската наплата на патарина на Наплатните станици од Коридорот 8, М-СМарт картичките не можат да се употребат на патниот правец кон Охрид. Сепак, ако не на сите, постои можност со картичките да се помине на две наплатни станици, Романовци и Миладиновци, со што сепак се намалуваат трошоците за патарина за српските туристи.
Треба да се има предвид фактот, дека електронскиот систем за наплата на патарина функционира на припејд систем и картичките кои ќе ги добијат може да се употребуваат и следната година, се разбира доколку си надополнат средства како кредит на која било наплатна станица од Коридор 10 или преку веб порталот https://etc.roads.org.mk/AMC/TopUp. На овој начин се прави и промоција на електронската наплата.
Во контекст на ова до каде се активностите за модернизација на патарините на Коридорот 8 и планираната изградба на новите патарини?
Изградбата на новите наплатни станици Преод и Кадрифаково е во тек, на терен се одвиваат градежните работи од почетокот на мај годинава. Согласно со Договорот со изведувачот конзорциумот Аселсан-Жикол тие треба да се завршат за 6 месеци, односно кон крајот на октомври 2021 година.
За постојните наплатни станици (НП „Миладиновци“ на автопатот Миладиновци-Штип и наплатните на Коридор 8, Глумово, Желино, Тетово и Гостивар) за кои е предвидена реконструкција и воведување на електронски систем за наплата на патарина во тек е изработка на проектна документација согласно договорот со изведувачот конзорциумот Аселсан -Жикол. По реализацијата на проектната документација и нејзино официјално одобрување ќе започне и реализацијата на терен.
Значи, да прецизирам, на Коридор 8 има четири постојни патарини, за кои е планирана реконструкција со претходно изготвена проектна документација од страна на ЈВ Аселсан-Жикол, на автопатот Миладиновци-Штип има една постојна наплатна, за која е планирана реконструкција со проширување и две нови кои се во тек на реализација. Проектот чини 12.489.356,17 евра, вклучувајки и поставување фотоволтаичен систем на споменатите наплатни патарини, и на наплатните на Коридорот 10 - Романовце, Петровец, Сопот, Отовица Градско, Демир Капија и Гевгелија, како и неопходни резервни делови и одржување на новиот електронски систем во период од 12 месеци.
Што покажуваат податоците за наплатата на патарините од почетокот на годинава, има ли изгледи за враќање на приходите како пред ковид пандемијата, како и за користење на електронските картички, се сменија ли навиките за наплата на патарини со оглед дека речиси две години на Коридор 10 е воведена електронска наплата?
Податоците за остварената наплата во првите месеци од годинава ни даваат за право да бидеме оптимисти дека не само што ќе се вратат приходите остварени пред пандемијата на Ковид 19, туку реално е да очекуваме и да се зголемат. На пример, за периодот јануари-мај, во 2021 година е остварен промет од наплата на патарина поголем во однос на истиот период во 2019 година, која според годишниот промет е рекордна и има зголемување за над 4 проценти. Изразено во бројки тоа би изгледало вака, ако во 2019 година до мај биле инкасирани 926.114.696,00 денари, за истиот период во 2020 година е остварен промет од вкупно 751.329.426,00 денари, за разлика од 2021 година каде имаме остварен промет од 968.718.496,00 денари или зголемување од 28,9 проценти во 2021 година. Овие средства се важни за планирањето на Годишната програма на ЈПДП. Од нив зависи што ќе содржи програмата и колкав опфат на патишта ќе се рахбилитараат или градат.
За вториот дел од прашањето, односно за воведувањето на електронската наплата на патарина, сакам да потенцирам дека наиде на позитивен прием кај корисниците. Предностите на електронската наплата веднаш беа препознаени и прифатени. Брзото поминување, избегнување гужви и колони, отфрлање на непотребна документација, овозможено вирманско плаќање и плаќање преку интернет, лесно следење и ажурирање на уредите се само дел од предностите на Електронската наплата на патарина. Во екот на пандемијата, многу корисници си набавија електронски уреди токму поради безбедноста и избегнувањето на контакт со пари, билети и на крај, избегнување и на човечкиот фактор. Навиките за наплата на патарина се сменија и се менуваат секојдневно. Доказ за тоа е и продажбата на речиси 24.000 електронските уреди од кои 8960 се M-Таг и 14963 се М-Смарт картички. Со заокружувањето на имплементирањето на електронската наплата на патарина и на наплатните станици на Коридор 8, овие цифри ќе се зголемуваат.
ЈПДП е носител на изградбата на клучните капитални инфраструктурни проекти. За автопатот Кичево-Охрид, проект што се реализира повеќе години е најавено повторно пролонгирање на рокот за изградба за што треба да биде доставен и предлог закон до Собранието? Го утврдивте ли новиот рок со изведувачот, зошто повторно се пролонгира, до каде е реализацијата и кои се клучните пречки за поинтензивна реализација?
Во завршна фаза се преговорите со изведувачот „Синохидро“, каде е дефинирано до 31.12.2023 година да се продолжи рокот за комплетирање на градежните работи на автопатот Кичево-Охрид. Рокот се пролонгира поради изработка на дополнителна проектна документација, испроектирана во рок од септември 2019-септември 2020, која беше неопходна за завршување на проектот.
Врз основа на изработената проектна документација за автопат Кичево–Охрид се направи анализа за крајниот рок на завршување на работите која се темели на три аспекти и тоа: зголемен обем на работите, реализација на преостанати финансиски средства и решавање на дополнителната експропријација произлезена од дополнителната проектна документација.
Вкупниот прогрес на градежните работи по основен договор изнесува 90 проценти, а вкупниот прогрес на градежните работи по основен договор и анекс договорот изнесува 62 проценти.
Владата потпиша Меморандум за разбирање со компанијата „Бехтел и Енка“ за соработка за проектна подготовка и изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан од Коридорот 8, како и изградба на автопатската делница Прилеп-Битола од Коридорот … Со него првпат се предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер, што исто така предизвика реакции и отвори дилеми во јавноста. Зошто се одлучивте за ваков начин на изградба, кога може да се очекува најавениот модел и законското решение и конкретни активности на терен?
Овој документ кој го потпишавме е стратешка насока, во кој правец РСМ ќе ги движи идните инвестициски вложувања во инфраструктурата на европските коридори. Со овој Меморандум се предвидува преструктурирање на постојната инфраструктура, но и нови градби. Коридорот 8 е еден од десетте трансевропски коридори, дизајниран да ја олесни размената на стоки и луѓе меѓу земјите на ЕУ, балканските земји кои се граничат со Црното Море и Каспиското Море и земјите од Централна Азија. Важноста на Коридорот 8 е тесно поврзана со неговата важност од енергетска гледна точка, ќе овозможи преку Средоземно Море пристап до големите касписки енергетски ресурси.
Ова е нов модел, првпат се користи кај нас и веруваме дека ќе ги даде најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа. Наместо да чекаме со години проектирање, па потоа дополнително да чекаме со години реализација, како што имаме примери сега, оваа едноставна постапка е многу побрза и дава побрзи резултати. Новиот пристап нуди брза и навремена реализација на капиталните проекти, нема повеќе калкулантски игри кога е во прашање националниот интерес на граѓаните и државата.
А што се однесува до делот од прашањето кога ќе биде готово законското решение, ова е прашање што треба да се упати до изготвувачите на законот. Откако ќе поминат сите правни процедури ќе започнат и конкретните активности.
И автопатот Скопје Блаце е проект што се најавува подолго време, до каде се таму активностите?
Во моментот се работи на делницата од Граничен премин Блаце до село Блаце во должина од 2 километри. Физичкиот прогрес на работите изнесува 20 проценти. На втората делница од село Блаце до Стенковец се работи на изработка на проектна документација. Очекуваме проектната документација да биде комплетирана до крајот на 2021 година, а изведувачот на работите да започне во текот на 2022 година.
Подобро патно поврзување со соседна Бугарија е постојано барање на бизнис заедницата и ветување на политичарите. На кои проекти се работи сега, како се одвива реализацијата и кога ќе се скрати времето за патување од Скопје до Софија?
Ние имаме разбирање за бизнис заедницата и нивните барања и во таа насока на овој дел од земјата, поточно кон границата со соседна Бугарија на делницата Куманово–Страцин–Крива Паланка– Деве Баир се одвиваат повеќе зафати во повеќе фази.
На Куманово–Страцин, втората фаза, финансирана од буџет на ЈПДП, се очекува работите со рехабилитацијата комплетно да бидат завршени до крајот на 2021 година. На првата фаза, која е финансирана од IPA 2, се очекува работите да бидат комплетно завршени до средина на 2022 година.
За новиот експресен пат Страцин–Длабочица–Крива Паланка финансиран од Светска Банка, очекуваме делницата да биде комплетирана и пуштена во сообраќај до крајот на 2022 година, а за делницата Крива Паланка–Деве Баир финансирана од ЕБОР и WBIF, се очекува градежните работи да бидат комплетирани до средина на 2022 година.
Исто така, избрани се консултанти за изработка на проектна програма за проектирање на нов експресен пат Романовце–Страцин која што е планирано да се финансира од IPA 3.
Кои се за ЈПДП клучни проекти за работа на терен во тековната градежна сезона и колку изнесува реализацијата на капиталните инвестиции на ЈПДП од почетокот на годината?
За тековнава градежна сезона би ставил акцент на неколку проекти што се од значење, иако кога станува збор за изградба на патишта секој километар во секој дел од држава е битен заради подобро поврзување на патниците, услугите и стоките, сепак би ставил акцент на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, но и на изградбата на регионалниот пат Извор-Гарски мост со кој ќе се намали времето на патување помеѓу градовите Кичево и Дебар, како и во Југозападниот плански регион на Република Северна Македонија.
Во однос на вториот дел од прашањето за реализација на капиталните инвестиции, од почетокот на годината се реализирани во износ од околу 40 милиони евра или 15 проценти од планираните. Очекуваме овој процент да се зголеми со зголемувањето на интензитетот на работатата. Во споредба со истиот период од минатата година капиталните инвестиции оваа година се поголеми за 5,3 милиони евра или за 15,8 проценти.
Што покажуваат вашите анализи во однос на тоа каде патиштата се во најлоша состојба и се приоритетни за обнова, утврдени ли се црните точки на патиштата и се спроведуават ли активности за нивна санација за подобрување на безбедноста на сообраќајот?
Јавното претпријатие за државни патишта, согласно Законот за јавни патишта, е надлежно за Управување со државните патишта, поради што почна со Развој на Систем за управување со патишта (Road Asset Management System - RAMS). RAMS е „сет на алатки и методи” кои помагаат при донесувањето одлуки за изнаоѓање на ефективни краткорочни и долгорочни стратегии за планирање, проектирање и одржување на патната мрежа на соодветно ниво на услуга во одреден временски периог (проектен период). Самиот систем има база на податоци, која континуирано се надградува и ажурира со податоци за моменталната состојба на патната мрежа, и тоа: рамност, носивост, отпор на триење на коловозната конструкција, систем за одводнување, пукнатини и др.
Располагаме со модерна опрeма која се користи за собирање на податоци за состојбата на патиштата, и тоа: целосно опремено возило со „Falling Weight Deflectometer” и како целосно опремено возило со „Road Data Profilometer“ Системот ќе започне со функционирање откако ќе се соберат потребните податоците за состојбата на патната мрежа, и со текот на годините ќе се калибрира со повторување на анализите за состојбата на патиштата, овозможувајќи да се подобри веродостојноста и квалитетот на предвидувањата на потребните активности за одржување. Системот, исто така, ќе служи и за други анализа, како што е контролата на вредноста на средствата, анализа на ефектите од новите патни проекти врз целокупната патна мрежа.
Најголемата предност од користењето на RAMS ќе биде достапноста до добро структурирана, брза и секогаш достапна база на податоци за патиштата и можноста за изготвување посигурни, детални и корисни извештаи, вклучувајќи оптимизација на буџетските средства, кое денес е невозможно со користење на традиционалните начини.
Со имплементација на Системот за управување со патишта (RAMS) Јавното претпријатие за државни патишта започна во 2017, со неколку главни цели како што се воспоставување на RAMS софтвер, собирање на податоци што недостасуваат за оценка на состојбата на патиштата, правење проценка на патната мрежа и вршење анализи на стратешко и на програмско ниво. Проектот започна со дефинирање на нов референтен систем на патишта (RRS) за државните патишта, кој вклучува детално дефинирање и траса на патот, патни делници и јазли (клучки). За да се соберат податоците кои недостасуваат за дефинирање на конструкцијата на патот, беа извршени мерења со Ground Penetration Radar (GPR) на целата државна патна мрежа (4384 км). Исто така, беа извршени 14-дневни мерења на тежината во движење – Weight in Motion (WIM) на 20 локации, со цел за се соберат податоци за сообраќајната структура. Како последен чекор во имплеметација на RAMS-от беше направена евалуација на патната мрежа со употреба на HDM-4 софтверот за поддршка на програмирањето на работите на патот–прва стратешка анализа која резултира со тригодишен план за работи на патиштата.
Лидија Велковска
фото: Фросина Насковиќ