• петок, 22 ноември 2024

Рускиот министер за одбрана Шојгу доживеал срцев удар, тврди руски бизнисмен и противник на Путин

Рускиот министер за одбрана Шојгу доживеал срцев удар, тврди руски бизнисмен и противник на Путин
Москва, 15 април 2022 (МИА) - Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу „доживеа тежок срцев удар“. Ова на Фејсбук го објави руско-израелскиот бизнисмен и противник на рускиот претседател, Леонид Невзлин. „Шојгу е надвор од игра, може да остане инвалид, доколку преживее. Одеднаш доживеа тежок срцев удар. Се наоѓа на интензивна нега, поврзан е на апарати“, пишува Невзлин на социјалната мрежа. Тој тврди дека „има гласини дека ваков срцев удар не се добива по природен пат“. Британските медиуми наведуваат дека Невзлин го објави ова по потонувањето на рускиот команден брод на Црноморската флота. Шојгу е веќе десет години на чело на руската војска, што го прави десна рака на рускиот претседател Владимир Путин. Но, изминатиов период, не е забележан на регуларните состаноци во Кремљ, пишува „Дејли мејл“. Кон крајот на март, се појавија сомнежи за тензии меѓу Путин и Шојгу. Наводно, тоа се должи на спорото напредување на руските сили во Украина. Американски разузнавачи сугерираат дека до тензиите дошло откако Путин дознал за размерите на руските загуби во Украина. Шојгу беше виден вчера за време на видео конференцијата на Путин со останатите министри. Тој не зборуваше, па „Дејли мејл“ пишува дека е можно Кремљ да користи претходни снимки од Шојгу. Тоа, како што се наведува, е со цел да се остави впечаток дека тој и понатаму е активно вклучен во настаните. Невзлин е поранешен медиумски магнат и нафташ, па така и еден од оние, кои беа принудени да побегнат од Русија, кога станаа мета на ударот на Кремљ, откако Путин донесе одлука за државното преземање на нафтената компанија „Јукос“. Рускиот суд го осуди Невзлин, во отсуство, на доживотен затвор, по серија тужби против поранешни шефови на „Јукос“. Минатиот месец, тој најави дека се откажува од руското државјанство и објави дека „сè што ќе допре Путин е осудено на смрт“. бд/паг/

Остани поврзан