• понеделник, 23 декември 2024

Русија нареди евакуација на жителите од пограничните села на Курскиот регион со Украина

Русија нареди евакуација на жителите од пограничните села на Курскиот регион со Украина

Москва, 16 септември 2024 (МИА) – В.Д. гувернерот на рускиот Курски регион, Алексеј Смирнов, во кој од 6 август се  одвива украинска офанзива, денеска од безбедносни причини нареди евакуација на жителите во селата лоцирани на помалку од 15 километри од границата со Украина.

„Врз основа на оперативни информации и со цел да се обезбеди безбедност, регионалниот генералштаб одлучи да изврши задолжителна евакуација на местата во областите Рилски и Хомутовски, лоцирани во зоната до 15 километри од границата со Украина“, напиша Смирнов на Телеграм.

Тој ги повика локалните жители да ја „разберат моменталната состојба“ и да ги следат препораките на властите.

На 6 август Украина започна ненадејна офанзива врз рускиот Курски регион и зазеде неколку стотици квадратни километри територија и десетина места.

Поради офанзивата беа евакуирани околу 150.000 руски цивили.

Руската армија во четвртокот објави дека во контраофанзива во областа, која ги опфаќа и двете села Успеновка и Борки, вратила дел од територијата од силите на Киев.

Шефот на украинската дипломатија Андриј Сибига денеска ги повика ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) да го посетат делот од рускиот Курски регион, окупиран од Украина, што Кремљ го оцени како „чиста провокација“.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан