• понеделник, 23 декември 2024

РТС: Виенската полиција посочува дека е изгубено многу време од појавувањето на снимката со девојчето

РТС: Виенската полиција посочува дека е изгубено многу време од појавувањето на снимката со девојчето

Белград, 1 април 2024 (МИА) - Во седмиот ден од потрагата по двегодишната Данка Илиќ во истрагата се вклучи и австриската полиција, откако се појави видео снимка од пред два дена на кое се гледаат две жени со девојче која личи на Данка Илиќ.

Од виенската полиција посочија дека имаат проблем поради тоа што е изгубено многу време од снимањето на девојчето до доставувањето на снимката до нив и дека трагата веќе е застарена, јави дописникот на МИА од Белград

Интерпол распиша жолта потерница, а криминалистичката служба на покраината Виена на барање на српската полиција вчера започна истрага по што е испрашан државјанинот на Србија кој го снимил девојчето кое личи на исчезнатата Данка со двете романски државјанки.

Портпаролот на виенската полиција Маркус Дитрих изјавил, како што пренесува РТС, дека проблем е начинот на кој снимката со девојчето дошла до нив и дека поради тоа се изгубило многу време.

-Сведокот го испрати видеото по електронска пошта до српската полиција, па српската полиција ја контактираше австриската полиција. Изгубено е многу време, околу 10 часа, ја пренесува РТС информацијата од полицијата во Виена.

Од таму соопштија дека истрагата е во тек и дека не можат да соопштат детали.

-Немаат премногу детали... Има видео за настанот што се случи во саботата попладне на трамвајската станица и се обидуваат да ги најдат тие две жени, што се надеваме дека ќе се случи, доколку тие се уште се во Виена и ако веќе не заминале во Унгарија или во Романија, пренесе репортерот на РТС, додавајќи дека проблемот е во тоа што трагата, ако е трага, таа е веќе доста „ладна“.

Српскиот амбасадор во Виена изјави дека е задоволен од соработката со виенската полиција. Од таму апелираа до граѓаните доколку ја препознаат исчезнатата Данка Илиќ на територијата на Австрија веднаш да ја известат српската или австриската полиција.

Во Бањско поле и Бор од каде изчезна девојчето денес нема толкав голем број на полициски сили, а се пребаруваше депонијата.

МВР на Србија работи на расветлување на околностите поврзани со видеото кое се појави од Виена, кое како што беше речено, е една од многуте траги на кои работат властите, а особено на трагата дека малечката Данка можеби веќе е во некоја од земјите на ЕУ, поради што беа проверени најблиските гранични премини со Романија и Бугарија.

Јавноста се уште чека прецизни информации од истрагата, а се верува дека одреден одговор ќе даде и нарачаното вештачење на телефонот на мајката на Данка и избришаните пораки, како и повеќето нејзини профила на социјланите мрежи. об/сд/

Остани поврзан