• понеделник, 23 декември 2024

Тркалезна маса на ОБСЕ: Во земјава се пријавуваат само два отсто од случаите на родово базирано насилство

Тркалезна маса на ОБСЕ: Во земјава се пријавуваат само два отсто од случаите на родово базирано насилство

Скопје, 15 декември 2023 (МИА) - Само два отсто од случаите на родово базирани насилство се пријавуваат во надлежните институции во земјава, покажува истражувањето на ОБСЕ, односно жените жртви најчесто го пријавуваат најтешкиот инцидент. Според податоците од Министерството за внатрешни работи, заклучно со септември 2023 година, биле пријавени вкупно 841 дело на семејно насилство и 855 сторители, меѓу кои поголемиот дел се мажи, што гледано од резултатите на истражувањето на ОБСЕ претставува само два проценти од родово базираното насилството што се случува кај нас, се заклучоците кои беа презентирани на тркалезната маса на тема „Родово базирано насилство“ која се одржува денеска во Скопје.

Настанот го отвори советникот на полициски реформи од Секретаријатот на ОБСЕ, Бјорн Торе Салтвик, кој истакна дека овој проект има цел да го обработи родово базираното насилство ставајќи го центарот на жртвата и нагласи дека проектот веќе е претставен во Унгарија, Романија и Бугарија.

 - Нашата цел е да се прошири темата бидејќи не се работи само за семејно насилство, но за жал во сите овие случаи најчесто жртва е жената, рече Салтвик.

Тој истакна дека покрај другите видови на насилство, тука се вбројува и онлајн насилството кое е многу актуелно и често денес.

 - Овој проект е заснован на Истанбулската конвенција и сите земји кои учествуваат во проектот ја имаат потпишано конвенцијата, појасни Салтвик.

Како што истакна, резултатите од проектот покажуваат дека во повеќето случаи фокусот е ставен на семејното насилство, иако се работи за поголем опсег и потенцираше дека како дел од реализацијата на проектот организирани се и обуки за полицијата. 

Директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, Елена Димушевска, го дефинираше поимот родово базирано насилство, за кое истакна дека претставува насилство кое е насочено кон одредено лице поради неговиот род, од што произлегува дека родово насилство кон жените е насилство кон нив само поради тоа што се жени.

 - Она што е најважно да го имаме на ум секогаш кога зборуваме на оваа тема е дека ова насилство постои поради нееднаквоста на изразувањето на моќ меѓу мажите и жените, истакна таа.

Димушевска го нагласи и сексуалното насилство кое е присутно и во брак, но кај нас не се претставува како такво поради тоа што сексуалните односи се сметаат за обврска во бракот.

 - Силувањето во брак е многу честа појава кај нас, а за тоа е причина и одговорот што се добива и од институциите, односно гледањето на сексуалниот однос како обврска во бракот, рече таа.

Како една форма на насилство го нагласи и присилниот абортус, кој се случува најчесто ако плодот е женски, како и присилната стерилизација, најчесто кај жени со попреченост или жените Ромки.

Професорката по психологија на Филозофскиот факултет при УКИМ, Николина Кениг истакна дека родово базираното насилство се потпира токму на патријархалното живеење и нагласи дека во земјите каде што има секојдневни практики и обуки на оваа тема процентот на насилство е значително помал.

 - Во Македонија секој втор тинејџер има традиционални сфаќања за родовата нееднаквото, истакна таа и како лош пример ги наведе Македонските народни приказни кои секојдневно се емитуваат на телевиите, а во кои е застапено насилство врз жената.

Таа истакна даде критика и до известувањето од страна на медиумите, нагласувајќи дека тие известуваат само конкретни случаи на насилство.

- Родово сензитивно известување не може да се базира единствено на известување на родово насилство, додека од друга страна со сите останати теми се шират патријархално размислување, рече таа.

Новинарот Саше Димовски истакна дека поголем процент на жртви на насилство кај нас се жените, а поголемиот дел на сторители се мажи.

 - Заклучно со септември 2023 година во МВР биле пријавени 841 дело за семејно насилство и 855 сторители, меѓу кои поголемиот дел се мажи, нагласи тој.

Тркалезна маса на тема „Родово базирано насилство“ е дел од проектот „Зајакнување на капацитетите на кривичната правда за борба против родовото насилство во Југоисточна Европа“ во организација на ОБСЕ. сан/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан