• четврток, 06 февруари 2025

Ристовски: Левица нуди нови решенија и нови сили за подобрување на Општина Карпош

Ристовски: Левица нуди нови решенија и нови сили за подобрување на Општина Карпош
Скопје, 27 септември 2021 (МИА) - Левица како најбрзо растечка партија во државата, па и пошироко, нуди нови решенија, нови сили за подобрување на услугите во коишто се наоѓа Општина Карпош, изјави Дарко Ристовски кандидат за градоначалник на Општина Карпош од редовите на Левица на отворањето на канцеларијата на локалниот огранок на партијата во оваа скопска општина. Ристовски порача дека нивните цели се јасни и оти „не се за замена, туку за голема промена“ на тековите што Општината ги имаше досега. - Пред сè, тука станува збор за демократизација, внатре во самата Општина, транспарентност во нејзината работа, но една од нашите најголеми заложби е пред сè ревизија на ДУП-овите и стопирање на огромната бетонизација и девастација што се случуваат во Општината. Тука се подразбира системска борба против урбанистичката мафија, планско градење, решавање на улиците и патиштата, нови сообраќајни решенија и не ги забораваме секако и екологијата и чистотата што не се на завидно ниво во овој момент во нашата општина, истакна тој. Кандидатот на Левица додаде дека ќе работат и на комуналните решенија и други јавни услуги. - Најголема борба за која ние се залагаме е секако отчетот, приходите и расходите што се огромни во нашата општина и потребно е да направиме баланс помеѓу трошоците и приходите во Општината. Секако, тука станува збор и за транспарентноста што ќе ја понудиме во работата на Општината. Кај делот за екологија и одржлив развој на општината секако е загадувањето, што е сè поголемо, обновување на парковите и зеленилото и обновување на зелените политики на локално ниво, додаде Ристовски. Мартин Димоски, носител на кандидатската листа на Левица за членови на Советот на Општина Карпош порача дека на овие локални избори граѓаните имаат шанса да ја вратат општината во нивни раце и да стават крај на случувањата од изминатите децении. - Ние денес сме сведоци дека сите оние сектори на Општината и сите ресурси се под опсада на политичките профитери и урбаната мафија што во целост ја уништува општината за нивни интереси, додаде тој. ки/сп/

Остани поврзан