• сабота, 23 ноември 2024

Речиси шест од десет бизниси во Грција за време на летните попусти имале помала продажба во споредба со лани

Речиси шест од десет бизниси во Грција за време на летните попусти имале помала продажба во споредба со лани

Атина, 2 септември 2024 (МИА) – Повеќе од половина од трговски бизниси во Грција, односно 57 отсто регистрирале помала продажба во споредба со лани за време на летните попусти во периодот од 10 јули до 31 август, според истражувањето на Институтот за трговија и услуги на Грчката конфедерација за трговија и претприемништво, а само шест отсто од бизнисите регистрирале пораст на прометот, јави дописничката на МИА од Атина.

Податоците покажуваат и намалување на посетите на продавници, а 85 отсто од бизнисите сметаат дека оваа година потрошувачите биле повоздржани при купувањето во споредба со претходните години.

Островите и областа Атика, поширокиот регион на Атина имале релативно подобри резултати во споредба со останатите делови од земјата што се должи на зголемениот број туристи, а за четири од десет бизниси (44 проценти), најдобар продажен период, во однос на активноста на потрошувачите е јули, нешто што било потврдено и во изминатите години.

Во однос на висината на попустите, кај 39 отсто од бизнисите биле меѓу 21 и 30 проценти, а над три од десет бизниси вовеле попусти што надминале 40 отсто.

Во истражувањето на Институтот за трговија и услуги на Грчката конфедерација за трговија и претприемништво биле вклучени 400 малопродажни бизниси. ср/

Остани поврзан