• четврток, 21 ноември 2024

Фетаи: Реформите на јавната администрација врвен приоритет во ЕУ-агендата на Владата, цел е зајакнување на борбата против корупцијата

Фетаи: Реформите на јавната администрација врвен приоритет во ЕУ-агендата на Владата, цел е зајакнување на борбата против корупцијата

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) - Реформите на јавната администрација се од највисок приоритет на Владата во рамките на агендата која што ја имаме усвоено заедно со ЕУ и ќе се носат со учество и на граѓанскиот сектор, со цел зајакнување на борбата против корупцијата, вели заменик-премиерот за добро владеење Арбен Фетаи.

-За нас, како што знаете, реформите на јавната администрација се од највисок приоритет како Влада, но исто така се и највисок приоритет во рамките на агендата која што ја имаме усвоено заедно со ЕУ. За жал, морам да кажам дека имаме наследено една многу тешка ситуација во однос на јавната администрација на преоптеретена исполитизирана и неефикасна администрација. Ние, како нова Влада, сме за системски реформи и за измена, и за донесување неколку закони во насока на реформата на јавната администрација, како што е Законот за вработени во јавната администрација и за административни работници. Тоа што би сакал да кажам дека законите не ни недостасувале и во минатото, меѓутоа тоа што недостигало било подготвеноста истите да се спроведуваат. Затоа ние заеднички со сите политички чинители, со граѓанското општество, со меѓународниот фактор ќе се обидеме да направиме навистина продлабочени реформи во јавната администрација, вели вицепремиерот Фетаи кој денеска присуствуваше на Регионалната платформа за реформа на јавната администрација Вебер, организирана од Институтот за европски политики - ЕПИ, од Скопје.

Тој потенцира дека со овие реформи на јавната администрација, ќе се зајакне и борбата против корупцијата на пониско ниво која што била постојана појава во изминатиот период, а исто така ќе се зајакнат и услугите коишто се нудат на граѓаните преку општа дигитализација на услугите и на јавната администрација.

Прашан дали реформата ќе значи и намалување на бројот на јавни администрации, Фетаи посочи на јавните дебати за законите за јавна администрација кои се во тек кои што ги спроведува Министерството за јавна администрација, и од кои ќе произлезат решенија што ќе бидат предложени во текот на дискусијата.

-Што се однесува до мене, јас веќе кажав дека имаме една преоптеретена администрација, исполитизирана и неефикасна. Има многу институции каде што има многу малку вработени. Сметаме дека тие треба да се спојат за да имаме поцентрализирани, поефикасни и поотчетни институции. Ние веќе го донесовме Законот за јавни органи и исто така ќе бидат донесени и трите закони коишто претходно ги спомнав во насока на реформата на јавната администрација. Се надевам дека тоа ќе биде направено до крајот на годната. Исто така, како што се и нашите заложби за да се направат соодветните реформи во судството во однос на Кривичниот законик, и сето тоа што претставува цел од таа рамка на нашиот пат кон ЕУ, нагласи Фетаи.

Во однос на барањата на синдикатите за примањата во администрацијата, потсети на вчерашната средба на што ја имаа премирот Христијан Мицкоски и министерот за здравство со синдикатот, и укажа дека се отворени за сугестиите и препораките и на синдикатите и на граѓанското општество. Целта е вели, да се подобри состојбата, меѓудругото и со платите оти, вели, навистина има плати коишто не се доволни за еден достоен живот на граѓаните.

Денешниот настан вклучува и панел дискусија за најновите трендови и развојот на настаните во реформата на јавната администрација во Западен Балкан и ЕУ со реномирани експерти и научници, каде ќе бидат споделени согледувања и перспективи за тековните реформски напори низ регионот и пошироко.

-На денешниот настан ќе продискутираме за тоа како реформата на јавната администрација да се третира како хоризонтално прашање во сите политики во државата, наместо како прашање коешто се гледа од страна. Овој проект поддржан од страна на ЕУ во рамки на иницијативата Вебер која што веќе постои десет години и се застапува за поголемата вклученост на сите чинители во општството во реформите коишто се однесуваат во јавната администрација, а особено со фокус на граѓанското општество. Нашата крајна цел е да креираме притисок во однос на државните институции да ги вклучат сите чинители за да може да се испорачаат подобри услуги да имаме подобра јавна администрација, рече директорката на ЕПИ Институтот Симонида Кацарска.

На настанот учествуваат и евроамбасадорот Михалис Рокас, заменик министерот за јавна администрација Лазе Јакимовски и директорката на Центарот за европска политика од Белград, Милена Михајловиќ. вг/ев/

Фото: МИА

 

Остани поврзан