• петок, 17 мај 2024

Репортажа на АБЦ њуз за Преспанско Езеро и животот на Македонците во Пустец

Репортажа на АБЦ њуз за Преспанско Езеро и животот на Македонците во Пустец
Тирана, 23 јуни 2022 (МИА) - Преспанското Езеро е едно од слатководните езера во Европа кое граничи со три држави, Албанија, Северна Македонија и Грција. Вака ја почнува репортажата за ова преубаво езеро, албанската телевизија АБЦ њуз и додава дека со вкупна површина од 318,9 квадратни километри, 190 км2 од ова езеро и припаѓаат на Северна Македонија, 84,8 км2 на Грција и 38,82 км2 на Албанија. Преспанското езеро е највисокото тектонско езеро на Балканот со 853 метри надморска височина. Екипа на телевизијата АБЦ го посети местото каде што се спојуваат трите граници на соодветните земји и разговараше со жителите од македонската заедница од албанска страна, кои го потенцираат недостатокот на инфраструктура, вода за пиење, канализација и електрична енергија, што би ја претворило во уште поатрактивна туристичка област. - И покрај природната убавина, ова место изгледа тотално напуштено од државата, констатира телевизијата. На прашањето на новинарката, жителите од македонската заедница од Пустец изразуваат разочарување од недостигот на внимание од страна на државата. - Пустец е село кое изгледа тотално напуштено, бидејќи таму покрај некои деца живеат само стари лица, кои егзистираат само од сточарство и земјоделство, оценува АБС. Според жителите државата мора да го сврти вниманието кон нив за, како што велат, ова место да ја зголеми благосостојбата, но и да донесе што повеќе туристи. Овде, како што велат, останаа само постарите, а младите си заминаа, а во училиште пак има повеќе наставници од ученици. -Како што можете да видите од снимките направени во ова од „Бога“ благословено место, под итно му треба рака од државата, за да го претвори во туристичка атракција, бидејќи таму наоѓаш вода и планини, сето тоа сплотени едни со други, стои во репортажата во емисијата „Балкан“ на АБЦ њуз. вт/дма/

Остани поврзан