Рафиња жали што играчите биле принудени да се откажат од одмор за да играат на Светското клупско првенство
- Бразилскиот напаѓач на Барселона, Рафиња, изрази жалење што играчите не биле консултирани за продолжување на сезоната за да играат на Светското клупско првенство, додавајќи дека никој не треба да биде принуден да се откаже од одморот.
Мајами, 28 јуни 2025 (МИА) - Бразилскиот напаѓач на Барселона, Рафиња, изрази жалење што играчите не биле консултирани за продолжување на сезоната за да играат на Светското клупско првенство, додавајќи дека никој не треба да биде принуден да се откаже од одморот.
Првото продолжено издание на Светското клупско првенство започна на 14 јуни и ќе трае до 13 јули. Натпреварувањето следеше по европската сезона, која заврши кон крајот на мај, и меѓународниот прозорец на почетокот на јуни.
-Како некој што игра за европски тим, ние би биле на одмор токму сега. Маркињос и Бералдо од Пари Сен Жермен ја освоија Лигата на шампионите, а дури и не прославија како што треба. Дојдоа во репрезентацијата, а потоа отидоа на Светското клупско првенство. Сè уште не се одмориле. Многумина велат дека ова е изговор. Можеби е така, можеби не е, но да се откажеме од задолжителните одмори е многу комплицирано. Тоа е наше право. Секој заслужува барем еден месец одмор, а многумина од нас нема да го добијат, изјави тој.
Повеќето од големите европски првенства ќе започнат кон средината или крајот на август, а предсезонските подготовки започнуваат на почетокот на месецот.
-Ако ПСЖ стигне до финалето на Светското клупско првенство, веднаш ќе има Суперкуп. Нема време. Сè зависи од гледната точка. Од моја гледна точка, многу е лошо да се откажете од одморот за да играте на турнир на кој сте принудени да играте. Во ниту еден момент не ги прашаа играчите дали сакаат. Од нас зависи да го прифатиме тоа. Да се откажете од одморот за да играте на нов турнир е многу комплицирано, додаде Рафиња.
Пари Сен Жермен ќе се соочи со Тотенхем во Европскиот Суперкуп на 13 август. дс
Фото: Архива