• петок, 05 декември 2025

Расмусен: Потребен е трансатлантски пристап во притисокот врз Русија 

Расмусен: Потребен е трансатлантски пристап во притисокот врз Русија 

Брисел, 15 јули 2025 (МИА) - Важно е да се искористи моментумот создаден со новите пораки на американскиот претседател Доналд Трамп поврзани со санкциите кон Русија и испораката на оружје за Украина, изјави денеска шефот на данската дипломатија Ларс Локе Расмусен пред почетокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел. 

- Долго време се залагам за трансатлантски пристап и треба многу повеќе да ја притиснеме руската економија. Мислам дека еден од клучните елементи во пакетот санкции е ограничувањето на цената на нафтата, рече Рамусен, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ. 

Тој изрази надеж дека „ако не денеска, тогаш утре“ земјите членки на ЕУ ќе постигнат консензус за усвојување на новиот 18-ти пакет санкции кон Русија. 

- Треба да ги здружиме силите и затоа од клучно значење е Европа сега да се согласи за овој 18-ти пакет санкции, додаде данскиот министер за надворешни работи. 

На прашање за коментар на предлогот на Трамп „европските земји да плаќаат за испораката на оружје“ на Украина, Расмусен рече дека тоа е во согласност со „данскиот модел“ од пред една година, врз основа на кој Данска директно вршеше набавки од украинската одбранбена индустрија за потребите на Киев. 

- Ова е само алтернативна верзија на тоа, па затоа ние сме подготвени да учествуваме. Секако не можеме сами и треба сите да се здружиме. Но, ние сме подготвени и со гордост можам да кажам дека сме најголемите поддржувачи на Украина по глава на жител, рече Расмусен. сп/ сд/

Фото: Скриншот 

Остани поврзан