Рама смета дека Приштина треба веднаш да распише избори на северот
- Рама во интервју за телевизијата Клан, истакна дека ставот на албанската влада е јасен – оваа ситуација е опасна и непотребна.
Tирана, 3 јуни 2023(МИА) - Албанскиот премиер Еди Рама порача дека ставот на Тирана, како и на сите лидери на Европската унија и на САД, е дека моменталната ситуација на северот на Косово е неприфатлива и оти Србите треба да се вратат во институциите а албанските власти во Приштина треба да распишат нови избори.
Рама во интервју за телевизијата Клан, истакна дека ставот на албанската влада е јасен – оваа ситуација е опасна и непотребна.
На прашањето кој е одговорен, тој рече дека не е негово да ги бара одговорните.
- Во Молдавија беа присутни сите лидери на Европа и на некои други земји, а единствениот став на сите лидери на ЕУ е ист како оној на САД, дека оваа ситуација е неприфатлива и има две работи – Србите мора да се вратат во институциите, Косово мора веднаш да распише нови избори за да се реши ситуацијата, објасни тој.
Рама објави дека на маргините на Самитот на Европската политичка заедница се сретнал со косовскиот премиер Албин Курти и претседателката Вјоса Османи, но дека не разговарале за ситуацијата на северот на Косово.
Според него, тоа е прашање за кое треба да одлучат дали сакаат да разговараат со него или не.
На прашањето дали тоа значи дека нема комуникација меѓу Албанија и Косово на официјално ниво, Рама рече дека тоа не е така, туку дека се работи за одговорност и надлежност на премиерот на Косово, а до одреден степен претседателот.
- На нив е да одлучат дали сакаат да разговараат за тоа прашање или не. Не сум јас тој што ги води и им кажува како да ја завршат оваа работа. Ова е почит кон нив и кон институциите на Косово, според мене, додаде тој.
Посочи дека Косово се консултирало со Албанија кога сакало да се консултира.
„Кога не сакаат да се консултираат, целосно нивно право е да не се консултираат. Тој не побара да разговара со мене или со нас во Владата и има право да не разговара. Но, ние не сме рамнодушни, нагласи Рама. вт/