• понеделник, 23 декември 2024

Ракии од сливи, дуњи и јаболка на натпреварот за најдобри вина и ракии

Ракии од сливи, дуњи и јаболка на натпреварот за најдобри вина и ракии
Кавадарци, 31 јануари 2022 (МИА) - Ракии од сливи, дуњи, јаболка, покрај традиционалните на овие простори, од грозје, пристигнуваат на натпреварот за најдобри вина и ракии што е во тек, во организација на Здружението за промоција на производи од грозје и вински туризам „Винотек" од Кавадарци. Настанот е под покровителство на општината Кавадарци и во соработка со кавадаречкиот Вински музеј. Панче Арсовски, директор на фестивалот на кој се слават  грозјето и производите од грозје, при ова здружение, потврди денеска за МИА, дека веќе им пристигнале мостри на пијалоци од Унгарија, Србија, Албанија, Црна Гора, а се очекуваат од Бугарија, Словенија, Хрватска и од други држави. - Натпреварот за вина и ракии што е во тек, овојпат, по неколкугодишно постоење, прв пат станува интернационален. Целта е промоција на нашето грозје и производите од грозје, но исто така сакаме размена на искуства, а со тоа и промовирање на нашето производство и пошироко од нашата држава, нагласи Арсовски. Тој потсети дека натпреварот е традиционален и во чест на верскиот празник ,,Свети Трифун", кој се смета за заштитник на лозарите и винариите. Токму на празникот, на 14 февруари, ќе бидат доделени и наградите за најдобрите вина и ракии, во неколку категории. Дегустацијата и оценувањето на пристигнатите мостри, ќе ги вршат стручни лица енолози. свд/цр

Остани поврзан