• четврток, 13 март 2025

Размена на искуства и предизвици на патот кон ЕУ во фокусот на средбата на министерот Муртезани со турски експерти

Размена на искуства и предизвици на патот кон ЕУ во фокусот на средбата на министерот Муртезани со турски експерти

Скопје, 13 март 2025 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска беше домаќин на дипломатска делегација на Турција во рамките на состанокот за споделување искуства во процесот на европската интеграција.

Како што соопшти Министерството за европски прашања, во говорот Муртезани нагласил дека продлабочената соработка со Турција е од големо значење за Северна Македонија, особено во поглед на институционалното зајакнување, усогласувањето со европските стандарди и подобрувањето на капацитетите за управување со европските фондови.

-Оваа средба е доказ за силната и трајна врска помеѓу Турција и Северна Македонија. Како што веќе нагласив за време на мојата неодамнешна посета на Анкара, нашето партнерство е длабоко вкоренето во историјата, но истовремено е и насочено кон иднината, изградено врз заеднички аспирации и заеднички цели. Денешните дискусии претставуваат уште еден чекор кон учење од меѓусебните искуства, истакнал министерот Муртезани.

Состанокот бил фокусиран на неколку клучни теми и панели, на кои претставници од двете делегации споделија свои согледувања и експертиза. На првиот панел, турската страна ги претставила своите искуства од пристапниот процес, со посебен фокус на институционалната структура, механизмите за преговарање и главните предизвици што ги надминале низ годините. Експертите од Министерството за европски прашања на Северна Македонија пак, говореле за тековниот статус на евроинтеграциите на земјата и приоритетите кои што претстојат во наредниот период.

Во рамките на вториот панел се дискутирало за подготовка на националната верзија на правото на ЕУ, при што експерти од двете страни ги претставиле своите организациски структури, процедурите за превод и координација, правната и стручната ревизија на преведените акти и создавањето терминолошки бази, што, како што било речено, се клучни за прецизно и доследно пренесување на правото на Европската Унија во националниот правен систем.

Третиот панел бил посветен на финансиската соработка со ЕУ и користењето на ИПА фондовите. Македонската и турската страна ги презентирале своите искуства во програмирањето, спроведувањето и следењето на европските фондови, со особен акцент на механизмите за ефикасно управување со средствата и осигурување на нивната максимална искористеност.

Последниот панел бил фокусиран на прекуграничната и регионалната соработка, при што беа разгледани можностите за заеднички проекти во рамките на европските програми. Двете страни ја истакнале важноста на ваквите иницијативи за поттикнување на економскиот развој, инфраструктурната поврзаност и градењето на посилни односи меѓу институциите. сст/ев/

Фото МЕП 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан