Разговор Мас-Логар: Самитот на ЕУ со земјите од Западен Балкан е многу важен
- Важно е и во услови на вонредна ситуација поради епидемијата на коронавирусот да се одржи самитот на Европската унија со земјите од Западен Балкан, се сложија министерот за надворешни работи

Љубљана, 29 април 2020 (МИА) - Важно е и во услови на вонредна ситуација поради епидемијата на коронавирусот да се одржи самитот на Европската унија со земјите од Западен Балкан, се сложија министерот за надворешни работи на Словенија Анже Логар и неговиот германски колега Хајко Мас.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, министрите неколку часа разговарале преку видео врска за актуелните случувања во унијата, но и за односите со Западен Балкан. Мас кажал дека соработката на ЕУ со овие земји е многу важна и дека овие земји, секако вклучувајќи ја и Северна Македонија, ќе добијат помош за полесно да справат со последиците од епидемијата на коронавирусот.
- Покажавме дека и во овие тешки времиња овие земји можат да се потпрат на нас, потенцирал Мас.
Двајцата политичари разговараа и за отворањето на внатрешните и надворешните граници на унијата. Се сложиле дека не е време за популистички, туку за научно оправдани решенија, бидејќи и мала грешка може да значи повторно зголемување на бројот заразени.
Мас и Логар се сложиле дека е потребно „европско решение” за динамиката на отворање на границите и дека наредните денови ќе треба интензивно да се работи на решавањето на ова прашање. ав/