• понеделник, 23 декември 2024

Развојната банка ја заврши 2021 година со двоцифрен раст на портфолиото и позитивни резултати

Развојната банка ја заврши 2021 година со двоцифрен раст на портфолиото и позитивни резултати
Скопје, 29 јануари 2022 (МИА) - Во услови на закрепнување на домашното стопанство од здравствената криза, Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје (РБСМ), како единствена развојна банка во целосна државна сопственост, и во 2021 година оствари позитивни резултати, ставајќи го притоа целиот свој финансиски и оперативен капацитет во функција на остварување на основната цел за која е формирана - поддршка на развојот на македонското стопанство во согласност со стратешките политики, цели и приоритети на државата, информираа од Банката. Во соопштението на РБСМ се посолува дека во однос на претходната година, вкупната актива на Банката е зголемена за 21 отсто и изнесува 16,1 милијарда денари, со соодветен раст на кредитното портфолио од 19 проценти, на портфолиото од кредитното осигурување од 38 отсто и на факторингот од 11 проценти. - Во оваа година, активностите на Банката беа во знакот на воведување на нови производи како царински гаранции и кредитно-гарантната шема која се реализира преку Гарантниот фонд, во име и за сметка на државата. Се изврши повлекување и пласман на првите две транши од ЕИБ 6 кредитната линија во износ од 59,1 милиони евра по исклучително поволни услови за стопанството, посочуваат од Банката. Од таму информираат и дека во целост се реализираше третата бескаматна кредитна линија со грант компонента – ,,Ковид 3”, финансирана со средства од ЕУ преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА II програмата и Владата на РСМ, во вкупна вредност од 31 милион евра. Банката оствари позитивен нето-финансиски резултат од 39,6 милиони денари, што е 25 проценти зголемување во однос на остварениот резултат во 2020 година. - Согласно Законот, остварената добивка се распределува во резервите на Банката со што, се зајакнува потенцијалот за понатамошна поддршка на реалниот сектор во земјата, се додава во соопштението на РБСМ. сп/

Остани поврзан