• четврток, 18 јули 2024

Работилница за подготовка на „Националната стратегија за правата на лицата со попреченост“

Работилница за подготовка на „Националната стратегија за правата на лицата со попреченост“
Скопје, 28 јуни 2022 (МИА) – Националната работилница која има за цел врз основа на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост да ја подготви „Националната стратегија за правата на лицата со попреченост“ со краткорочни, среднорочни и долгорочни активности со фокус на конкретни мерки за поддршка на лицата со попреченост, започна денеска во хотел Холидеј Ин. Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на работилницата која трае до утре, истакна дека низ координирани активности за институционална поддршка за спроведување на конвенцијата се воспоставува рамка која ќе вклучи независни механизми за промовирање, заштита и следење на спроведувањето на конвенцијата со препораките на Обединетите Нации. Информирајќи за активностите кои ги презема Владата во овој домен, Ковачевски посочи дека како дел од приоритетите биле активностите за асистенција на ранливите категории на лицата со попреченост. - Вклучивме околу 200 вработени лица за поддршка и грижа на над 1 500 лица со попречености, воведовме право на надоместок за лица со интелектуална попреченост, го зголемивме надоместокот за скратено работно време до 50 проценти од просечната плата, сите деца се извадени од институциите и се згрижени во групни домови, ја гарантираме персоналната асистенција и услугата за одмена во дом, посочи Ковачевски. Според него, во подготовката на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост главен збор имаат директно засегнатите, а оваа работилница е дел од остварувањето на приоритетите за поддршка на лицата со попреченост. Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, во своето воведно обраќање истакна дека „Ништо за нас, без нас“ гласи мотото на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, а врз основа на ова мото јавните политики ќе бидат креирани и спроведувани со активно учество на лицата со попреченост. - Подготовката на новата Национална стратегија ќе биде согласно обврските и начелата преземени со Конвенцијата за правата на лицата со пореченост и комплементарна на Европската стратегија на правата на лицата со попреченост, посочи Тренчевски. Она што е многу важно, дополни, е дека ја менуваме перцепцијата кон попреченост, го напуштаме стариот медицински модел на гледање на попреченоста, односно го менуваме со немедицинско гледање кое ги поттикнува јаките страни и способностите на децата и лицата со попреченост, ја обезбедува потребната поддршка што треба да ја добијат за да уживаат еднакви можности и да го развијат својот потенцијал. Ото Граф, заменик амбасадор на Сојузна Република Германија, истакна дека целта на овој семинар е да се имплементираат принципите од Конвенцијата на правата на лицата со попреченост. - Мислам дека овие два дена ќе дозволат да се разберат многу проблеми и да научиме едни од други и се надевам дека на крајот ќе има добра стратегија како да се вклучат лицата со попречености во општеството затоа што правилно, квалитетот на општеството не е како ги испорачува основните потреби, туку, како ги вклучува сите во општеството, рече Граф. Директорот на ГИЗ Канцеларија на Северна Македонија, Давид Оберхубер, рече дека она што ГИЗ сака да го направи тука е да го олесни овој процес. Во овој процес се вклучени Министерството за труд и социјална политика како носител на „Националната стратегија за правата на лицата со попреченост“, Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, како иницијатор на процесот на изработка на стратегијата, организациите на лицата со попреченост и родителските организации, Народниот правобранител, Здружението на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС), трите најголеми стопански комори и други социјални претпријатија познати како модел за работна интеграција, како и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).ар/са/

Остани поврзан