• петок, 05 декември 2025

Пуштен реконструираниот пат од Охрид до Св. Наум, со 11,7 милиони евра обновени 24,4 километри

Пуштен реконструираниот пат од Охрид до Св. Наум,  со 11,7 милиони евра обновени 24,4 километри

Охрид, 13 јуни 2025 (МИА) -  Пуштен е во употреба реконстрираниот пат Охрид – Св. Наум во должина од 24,4 километри. Инвестицијата во износ од 11,7 милиони евра е на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Целосно е саниран коловозот, поставени се нова сигнализација, безбедносна ограда и проширувања. Направени се и заштитни интревенции на ризичните косини на патот широк шест метри.

Според премиерот Христијан Мицкоски, се пушта значаен пат кој, посочи, беше заборавен, а кој го заслужуваат Охрид, граѓаните и туристите. 

- Ова не е само пуштање на пат, туку уште една потврда за определбата на Владата да се гради, без многу врева, партиски и бизнис спектакли, со план и јасна визија и многу работа. Во моментов паралелно се градат неколку клучни патни правци, автопатот Кичево - Охрид силно се забрзува, делниците Тетово Гостивар и Гостивар - Букојчани се активни, а се  работи и на подготовка за градба на делницата Букојчани - Кичево. Тоа значи дека целосно го затвораме автопатниот прстен во западна Македонија и тука не застануваме. Нашата стратегија е јасна. Инфраструктурата не е трошок, таа е инвестиција во иднинатата на државата,  ги отвора  вратите за туризам, за економија, регионално поврзување, за работни места, рече Мицкоски.

Истакна дека реконструираниот пат не поврзува со манастирскиот комплек Свети Наум, а ги поврзува и сите плажи и туристички капацитети на јужниот дел од охридското крајбрежје и  е дел од регионалната врска со Албанија.

- Охрид градот под заштита на УНЕСКО полека но сигурно го добива ликот на посакувана и пристапна европска дестинација, го поврзуваме со светот преку нови авиолинии, Истанбул, Виена, Меминген, Виена, Белград. Денес преку обновени патишта овозможуваме да дише слободно и да се развива како што треба, посочи Мицкоски.

Патот Охрид - Свети Наум, за вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, е витален за целото крјабрежје и туризмот. Забележа дека одредени делници не биле чепнати од неговата изградба.

- Особено ми е драго што се направи еден модерен пат и полесно и побрзо ќе можат преку целата година да стигаат луѓето кои што живеат на овој дел од езерото, но исто така и туристите полесно да комуницираат. Пред нас имаме уште големи проекти. Ова е Влада која што е само 11 месеци, Влада која што се соочи со огромни проблеми. Седум години имаше пустош во Македонија, инфраструктурните проекти беа целосно застанати, како што беше и овој, рече Николоски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски рече дека патот е завршен во предвидениот рок и оти денес имаме побезбеден, попрегледен и рехабилитиран пат.

 

- Ги подигнавме стандардите на безбедност во сообраќајот,  обезбедивме квалитетна врска од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум, го подигнавме квалитетот на туристичкиот потенцијал и го поттикнуваме економскиот развој во охридскиот регион, рече Трајановски. 

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков изрази задоволство за реализацијата на капиталниот проект реконструкција, проширување и уредување на делницата Охрид - Свети Наум со кој, според него, е решен еден од најгорливите инфраструктурни проблеми.

- Станува збор за еден од најзначајните проекти за Охрид, како најголема туристичка дестинација во регионот. Реконструираната, проширена и партерно уредена делница Охрид - Свети Наум отвара нови хоризонти за охридскиот туризам. Новиот пат, значи побезбеден пристап на туристите од и кон Охрид и плажите долж ривиерата. Овој проект посакуван од дамнина, сега веќе е реализиран и треба да претставува во иднина поттик за решавање и изработка на проект, кој на експресен начин ќе го олесни и сообраќајно ќе ги реши двете најпосетувани дестинации, Заливот на коските и манастирот Свети Наум, подвлече Пецаков. лв/сс/

Фото: Влада 

Видео: МИА

 

Остани поврзан