• четврток, 21 ноември 2024

Проштална средба на Џафери со шефот на Мисијата на ОБСЕ амбасадорот Клеменс Која

Проштална средба на Џафери со шефот на Мисијата на ОБСЕ амбасадорот Клеменс Која
Скопје, 1 септември 2022 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска оствари проштална средба со Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која. Како што се наведува во соопштението од средбата, Џафери изрази благодарност за плодната соработка меѓу Собранието и Мисијата на ОБСЕ во Скопје и заедничките проекти со цел за зајакнување на демократската улога и парламентарната независност, како и активниот придонес на амбасадорот Која на овој план. На средбата стана збор за повеќе актуелни прашања, како што се евроинтеграциските процеси, енергетската криза и функционирањето на Собранието на Република Северна Македонија. Соговорниците се согласија дека и во иднина треба да продолжи отворениот дијалог и плодната соработка на Собранието со ОБСЕ и со сите нејзини институции и структури, а пред сè, со Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Џафери му врачи на амбасадорот Клеменс Која признание за неговиот придонес и му посака успех во исполнувањето на новите должности, изразувајќи уверување дека и во иднина ќе продолжи меѓусебната поддршка и соработка. Тој се осврна на значајната улога на ОБСЕ во развојот на демократските процеси во Република Северна Македонија, а особено активностите на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која изминативе години даде свој придонес во бројни области. Показател на меѓусебната доверба и интензитетот на соработката се честите посети на високи претставници на оваа Организација. Во контекст на претстојното претседавање на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, претседателот Џафери оцени дека претседателството доаѓа во најпредизвикувачкиот момент со кој се соочува Организацијата во поновата историја, а тоа е воената агресија на Руската Федерација врз Украина. Во рамките на претседавањето, ќе дадеме сè од себе за да обезбедиме можни решенија за предизвиците кои претстојат, за што очекуваме поддршка од ОБСЕ и земјите учеснички. Амбасадорот Клеменс Која се заблагодари за одличната и фреквентна соработка со Собранието на Република Северна Македонија во бројни аспекти, а пред сè на полето на родовата еднаквост, буџетирањето и поддршката за Мрежата на канцеларии за комуникација со граѓаните во изборните единици. Тој се осврна на активностите на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која годинава одбележува 30 години од постоењето. Нагласи дека Мисијата на ОБСЕ остварува блиска соработка со институциите за следните чекори и активности во врска со претседавањето на Република Северна Македонија со Организацијата во 2023 година и е подготвена да даде целосна поддршка за остварување на приоритетите, се наведува во соопштението од средбата. Амбасадорот Која, исто така нагласи дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе продолжи да соработува со Собранието во спроведувањето на тековните проекти и реформските процеси. ев/са/  

Остани поврзан