• петок, 05 декември 2025

Проф. д-р Наумовска од ИСППИ за МИА: Креирањето политики врз основа на податоци започнува повторно да се практикува

Проф. д-р Наумовска од ИСППИ за МИА: Креирањето политики врз основа на податоци започнува повторно да се практикува

Скопје, 14 септември 2025 (МИА)

Елизабета ВЕЉАНОВСКА НАЈДЕСКА

Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје годинава одбележува 60 години од постоењето. Директорката на Институтот проф. д-р Бојана Наумовска во интервју за МИА зборува за развојот на оваа институција посочувајќи дека во минатото многу често за потребите на централната и локалната власт во ИССПИ биле реализирани истражувања кои што имале за цел да обликуваат политики и дека по голема пауза од повеќе од две децении, денес, позитивни промени се забележуваат во однос на државните институции, а најмногу кај министерствата.

- Креирањето политики врз основа на податоци започнува повторно да се практикува. Во таа насока е и нашата соработка со Министерството за култура и туризам и Министерството за образование и наука. Започнати се разговори и со други министри и министерства и искрено се надеваме на позитивни промени во иднина. Во однос на приватниот сектор, соработки постојат, но, сепак, нашата насоченост во државата е главно кон креаторите на политики, со што ја остваруваме една од главните функции за која во 1965 година ИСППИ е и основан, истакнува во интервјуто проф. Наумовска.

Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ), посочува таа, е првенствено истражувачка институција која својата образовна димензија ја има во насока на градење млади истражувачи.

- Тој е основан со задачата научно да ги проучува социолошките и политичко-правните појави, да подготвува кадар, да развива методи и да гради мостови меѓу науката, образованието и општеството. Иако на почетокот е основан да се занимава со социолошките, правните и политичките науки, во текот на својот развој го проширува научниот интерес и кон комуникациските и организациските науки. Кога зборуваме за историскиот пат на Институтот, „Јавното мислење во Македонија“ е брендот по кој постарите генерации го паметат Институтот, нагласува проф. Наумовска.

Во изминатите шеесет години на Институтот магистрирале 815 студенти, а со докторска титула се стекнале 190 кандидати, кои се сега истакнати професионалци – во академската заедница, државните институции, меѓународните организации, бизнис секторот и медиумите. Горди сме на бројките, вели таа. 

 

Професорке Наумовска, Институтот, кој е дел од УКИМ, годинава одбележува 60 години од основањето. Како би ја опишале работата и достигнувањата на оваа високообразовна институција во изминатите шест децении?

Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) е првенствено истражувачка институција која својата образовна димензија ја има во насока на градење млади истражувачи. Тој е основан со задачата научно да ги проучува социолошките и политичко-правните појави, да подготвува кадар, да развива методи и да гради мостови меѓу науката, образованието и општеството. Иако на почетокот е основан да се занимава со социолошките, правните и политичките науки, во текот на својот развој го проширува научниот интерес и кон комуникациските и организациските науки. Кога зборуваме за историскиот пат на Институтот, „Јавното мислење во Македонија“ е брендот по кој постарите генерации го паметат Институтот. Сондажа на јавното мислење се спроведувала речиси секоја година започнувајќи од 1974 година па се до 2014 година, а на овој начин се создавала импозантна база на податоци за ставовите и мислењата на граѓаните. Меѓу позначајните истражувачки ангажмани во последните неколку години се издвојува вклучувањето на Македонија во два водечки меѓународни истражувачки потфата: Европското општествено истражување (финансирано од МОН) и Компаративното истражување на изборните системи – преку кои земјата се приклучува кон глобални мрежи, а податоците за Македонија стануваат достапни за меѓународната научна заедница. Преку овие проекти Институтот суштински придонесе за афирмацијата на земјата во рамките на глобалните истражувачки инфраструктури. Институтот спроведува и проекти насочени кон развојот на високото образование и научно истражувачкиот кадар. Преку учество во Еразмус проектот е-VIVA, се работеше на поттикнување и развојот на услужни компетенции во универзитетското образование. Додека, пак, преку меѓународните иницијативи EuroPS и JoPScip се воспоставуви заедничка магистерска програма по Политички науки- Интеграција и управување, предводена од Универзитетот во Салзбург, која поврзува 13 универзитети од осум држави. Во истражувачкиот опус на ИСППИ се вбројуваат повеќе од 290 проекти, реализирани преку Социолошкото, Политиколошко-правното и Одделението за организациски науки, како и голем број интердисциплинарни истражувања.

Се занимавате со научно-истражувачка работа поврзана со поширокиот општествено-политички живот во земјава, вклучувајќи го и социјалниот, психолошкиот аспект, комуникации и поново и работа со човечки ресурси. Како се развиваше низ годините Институтот и кои се актуелните истражувања што ги работите во последниве години?

Како се развива истражувачкиот интерес така се создавале или гаснеле магистерските програми. Истражувачката насоченост кон социолошките и политичко-правните теми влијаела на создавање на првите постдипломски студии во Македонија од овие научни области во 1967 година. Насочувањето кон комуникацијата и медиумите создава услови за формирање на ваква магистерска програма во 1980 години, а истражувачкиот фокус кон организациските процеси претставува предуслов за создавање на програмата менаџмент на човечки ресурси. Сите овие програми постојат и денес. Но, секако има и програми на кои само се сеќаваме како што се: Југословенска комуна и самоуправување и Општествена патологија (од 1976 година); Социологија на културата и Делегатски систем (од 1977 година); Урбана социологија (од 1978 година); Социологија на трудот (од 1980 година); Социолошки и политиколошки теории на современото општество (од 1988 година). Она што е најново, во моментов започнува реализацијата на проектот „Хумана комуникација кај младите“, кој е финансиран од Министерството за образование и наука преку програмата за наука. Проектот „Мапирање на креативните индустрии во РС Македонија“ е во тек, ова истражување го работиме за потребите на Министерството за култура и туризам. Активно работиме и на проектот „Трансформација на практиките за менаџмент на човечки ресурси преку странските директни инвестиции во РСМ“, а секако се работат и истражувања поврзани со изборите, политичките партии и интересните групи, идентитетите итн.

Колку владите, институциите и компаниите во земјава ги користеле и ги користат вашите истражувања и што би можело да се посочи како резултат/ефект од нив? Секако дека тие се од различен аспект имајќи ги предвид различните полиња на кои работат професорите и истражувачите од Институтот.

Во минатото многу често за потребите на централната и локалната власт биле реализирани истражувања кои што имале за цел да обликуваат политики. После голема пауза од повеќе од две децении, денес, позитивни промени се забележуваат во однос на државните институции, а најмногу кај министерствата. Креирањето на политики врз основа на податоци започнува повторно да се практикува. Во таа насока е и нашата соработка со Министерството за култура и туризам и Министерството за образование и наука. Започнати се разговори и со други министри и министерства и искрено се надеваме на позитивни промени во иднина. Во однос на приватниот сектор, соработки постојат, но, сепак, нашата насоченост во државата е главно кон креаторите на политики, со што ја остваруваме една од главните функции за која во 1965 година ИСППИ е и основан.

Дел од вашата работа се магистерските и докторските студии. Колку магистри и докторанти имаат излезено изминативе 60 години од Институтот и каква е заинтересираноста последниве години?

Горди сме на бројќите, досега на Институтот имаат магистрирано 815 студенти, а со докторска титула се стекнале 190 кандидати. Нашите алумни денес се истакнати професионалци – во академската заедница, државните институции, меѓународните организации, бизнис секторот и медиумите. Интересот за студирање на магистерски студии во последните години е константен, но е намален доколку ги споредуваме бројките од пред 20 години, иако многу фактори влијаат на оваа состојба (повеќе професии со неформално образование, непризнавање на формалното дошколување во државните институции, проблеми со преквалификација, отворање на приватни факултети, намалената желба за учење кај помладата генерација итн.) Во однос на докторските кандидати, од воведувањето на докторските студии интерес за студирање постои во континуитет, но во овој дел секако не треба да се тежнее кон бројка туку кон градење на квалитет. Она што го правиме како афирмативна мерка, а во насока на општествено одговорно однесување, поддршка на младите и градење на истражувачки кадар, од учебната 2023 година, доделуваме по четири целосни стипендии за програми од втор циклус студии.

Со кои предизвици се соочува денес ИСППИ и постои ли начин како да се надминат?

Во минатото се соочувавме со многу поголем број проблеми: нерегулирани сметки, нерегулирани и мали плати, немање научен подмладок, непрепознавање на науката од државата. Денес за Институтот најголем проблем претставува инфраструктурата, 60 години стариот азбестен кров кој при секој дожд поплавува и обновување на амфитеатарот кој во 2018 година изгоре. Поддршка за решавање на овие проблеми имаме од Универзитетот и ректорката проф.Ангелова и од министерката проф.Јаневска, очекуваме реализација по завршување на изборите.

Како ќе ја одбележите 60 годишнината од основањето на Институтот?

Во насока на достојно одбележување на 60 годишнината од основањето на Институтот, во текот на целата 2025 година се организираат повеќе научни дебати, симпозиуми, предавања и меѓународна конференција. Дел од овие активности се насочени кон размена на знаење и дискусија за најновите светски текови и трендови, но дел имаат за цел да не потсетат на почетоците и развојниот пат на секоја од петте науки кои Институтот ги негува. Свечена Академија како централен настан е предвидена за 23 септември.

Проф. Наумовска Ваша специјалност се изборните системи. Се наоѓаме на прагот на Локалните избори. Имајќи ги предвид сите околности пред изборите, предвремените активности на најавените кандидати, реториката и начинот за кандидирање на независните кандидати, какви избори би можеле да очекуваме?

На овие избори кандидатите многу рано ја започнаа својата камања, од страна на некои кандидати се практикуваат средби со граѓани на отворен простор во насока на собирање идеи и граѓански иницијативи, додека, пак, кај други, агитацијата од врата на врата уште сега е присутна. Во градот Скопје и неговите општини, интересни избори ќе следиме во општините Центар, Чаир и Карпош. Реториката е најмногу вжештена помеѓу ДУИ и Вреди, иако без разлика на исходот од изборите помеѓу овие партии и коалиции, не очекувам промени во владината коалиција. Во однос на резултатите, очекувам и во иднина распоредот на општини со мали поместувања помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да остане. Многу е понеизвесно помеѓу ДИУ и Вреди иако до овој момент главната реторика е насочена кон општина Чаир. Во неколку општини за кои претендираат овие партии/коалиции ќе одлучат македонските гласови, што значи дека треба да бидат многу внимателни.

Фото: Фросина Насковиќ

 

Остани поврзан