Проф. Беким Фетаји нов ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“-Скопје
- Најмладиот државен универзитет – „Мајка Тереза“-Скопје од денеска има нов ректор - проф. д-р Беким Фетаjи, кој функцијата ја презеде од претходниот, проф. д-р Изет Зеќири.

Скопје, 28 април 2025 (МИА) - Најмладиот државен универзитет – „Мајка Тереза“ - Скопје од денеска има нов ректор - проф. д-р Беким Фетаjи, кој функцијата ја презеде од претходниот, проф. д-р Изет Зеќири.
Фетаи е професор на Факултетот за информатички науки на УМТ и работи од неговото основање, а претходно има 17-годишно искуство како професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Како што рече, добро ги знае состојбите и работата на Универзитетот „Мајка Тереза“ како негов проректор во два мандата и пред тоа декан на Факултетот на којшто предава.
Во обраќањето при свеченото преземање на мандатот, Фетаи истакна дека ќе работи по примерот на нивниот патрон - Мајка Тереза: „Јас самата не можам да го сменам светот, но можам да фрлам камче во водата и да создадам многу бранови“.
-Оваа филозофија ја отсликува и нашата мисија како универзитет - да создадеме бранови на продуктивна промена преку образованието што ги надминува границите, културите, националностите и разни академски средини и научни дисциплини. Ние не сме само институција на учење, туку и заедница посветена на знаењето, хуманоста, интелектуалниот раст, критичкото размислување и општествената одговорност. Заедно, сакаме да изградиме универзитет кој не само што ќе ги просветлува умовите, туку и ќе ги воспитува срцата на новите генерации. Ќе создаваме средина во која секој студент и секој член на нашето општество ќе се чувствува ценет, почитуван и инспириран да го даде најдоброто од себе, истакна Фетаји.
Соопшти и дека УМТ ќе тежнее кон домашна и меѓународна соработка и истражување и иновации кои придонесуваат за доброто на општеството.
Пред примопредавањето на функцијата, претходниот ректор Зеќири се осврна на развојот на установата во време на неговиот мандат. Истакна дека УМТ добил подобри просторни услови со селењето на новата локацијата во некогашната касарна „Илинден“, напуштајќи ги трите ката во Работнички каде што, рече, имало мирис на мувла, сега се простира на кампус од три хектари со придружни објекти и во хортикултурно уреден простор.
- УМТ немаше ни денар донации. Благодарение на врските и довербата што ја имаме со бизнис-партнерите, особено со Стопанската комора, Фондацијата Аксис и Град Скопје успеавме да реализираме 300.000 евра донации за реновирање на целосно уништените згради што ги имаше во касарната „Илинден“. УМТ имаше само пет факултети и со одлука на Собранието формиравме уште три нови. Го зголемивме бројот на студенти од 500 на 800. Успеавме да ги зголемиме платите и да ги усогласиме со платите на другите универзитети каде платите на професорите речиси се удвоија за три години, рече Зеќири.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска му го честиташе изборот на Фетаји и му се заблагодари за успешната работа на досегашниот ректор Зеќири, а посочи и на поддршката што УМТ ја има од Владата.
-На новиот ректор, Фетаји, му пожелувам уште поуспешна работа и плодна соработка со Министерството за образование и наука. „Мајка Тереза“ е наш најмлад универзитет и Владата ќе го поддржува неговиот развиток, првенствено во следните пет години со 34 милиони евра ќе ги поддржиме инфраструктурните потреби на УМТ како најмлад универзитет, со што ќе создаваме услови за подобра работа, како на професорите, така и на студентите, за да изградиме млади кадри кои ќе ја градат нашата држава, истакна Јаневска.
Беким Фетаји е трет ректор од основањето на Универзитетот „Мајка Тереза“ во 2016 година, по Изет Зеќири и претходно Азиз Положани. хс/ац/
Фото: МИА