• петок, 22 ноември 2024

Протест на борачите и борачките на штипска „Олимпија“

Протест на борачите и борачките на штипска „Олимпија“

Штип, 7 април 2022 (МИА) - Борачките и борачите од БК „Олимпија“ - Штип денеска протестираа на Градскиот плоштад „Слобода“ поради, како што посочија, забраната за учество на домашните натпреварувања од страна на Боречката федерација на Македонија.

Тренерот на БК „Олимпија“ - Штип, Кире Нисев, рече дека поради неучествувањето на најмладите во домашните натпревари се принудени да ги носат надвор од државата.

- Децата три години се надвор од Боречката федерација и принудени сме да ги носиме да се натпреваруваат надвор од нашата држава, значи на меѓународен план, а нивните успеси не можат да ги истакнат во сопствената држава, вели Нисев.

Сметаат дека бесправно се исфрлени, и посочија дека имаат и судска пресуда во која стои дека тие не се виновни за инцидентот од пред три години. Но, уште поважно, според нив, е дека никој нема право да ја ускратува можноста на децата да спортуваат и да се натпреваруваат.

- Според универзалните човекови права за децата на ОН, според Уставот и сите закони, на дете во никој случај не може да му биде оневозможено да се натпреварува. Боречката федерација морала да го почитува принципот на социјален дијалог, да му посочи на клубот тие да се борат по БФСР, односно под Боречката федерација, вели Страшо Глигоров, поранешен селектор на Боречката репрезентација.

На денешниот протест борачите и борачките на „Олимпија“ - Штип посочија и на низа други неправилности во работењето на федерацијата, за што ќе побараат вонреден инспекциски надзор.

Од Боречката федерација велат дека БК „Олимпија“ биле привремен член на федерацијата во 2019 година, кога се случил и инцидентот со „Илирија“. Порачаа дека не можат да одат против нивните правилници и не им е јасно зошто протестираат, бидејќи сите државни првенства за оваа година се завршени. Преодниот род е наредната година во јануари, а во репрезентацијата можат да учествуваат и нивни членови, со посебна покана. вдј/ар/

Остани поврзан