• недела, 22 декември 2024

Протести на полските земјоделци поради Зелениот договор и увозот на храна од Украина

Протести на полските земјоделци поради Зелениот договор и увозот на храна од Украина

Варшава, 20 март 2024 (МИА) – Полските земјоделци планираат да блокираат повеќе од 500 патиштата ширум земјата во знак на протест против увозот на евтина храна од Украина и климатската политика на Европска Унија.

Земјоделци што го блокираа патот во јужниот град Катовице, веат полски знамиња и на минувачите им делат јаболка.

- Сакаме да им покажеме на луѓето дека нашите производи се навистина здрави, добри. Па, зошто ги нема во нашите продавници, изјави еден од демонстрантите.

Земјоделците во Полска и ширум ЕУ бараат промени на ограничувањата поставени со планот на Зелениот договор за борба против климатските промени.

Исто така, сакаат повторно да се воведат царините за увоз на украинските земјоделски производи, кои се укинати од почетокот на руската инвазија врз Украина.

Европската унија денеска постигна привремена спогодба да им овозможи на украинските производители на храна бесцарински пристап до нејзините пазари до јуни 2025 година, но со нови ограничувања за увозот на жито.

Полската полиција соопшти дека е информирана за повеќе од 580 планирани протести, со околу 70.000 учесници. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан