• понеделник, 23 декември 2024

Протестен марш на Независниот синдикат на судска администрација и Синдикатот на затворска полиција и администрација

Протестен марш на Независниот синдикат на судска администрација и Синдикатот на затворска полиција и администрација

Скопје, 28 септември 2023 (МИА) - Независниот синдикат на судска администрација и Синдикатот на затворска полиција и администрација денеска во Скопје одржаа протестен марш, кој започна од пред платото на Основниот кривичен суд, сѐ до пред Министерството за финансии, каде побараа зголемување на платата за 78 отсто и враќање на додатоците на плата од 35 отсто, кои, како што велат, Министерството за финансии ги одбива и покрај одлуката на Судскиот совет за исплата на додатоците.

Претседателката на независниот синдикат на судската служба, Јасмина Величкова, рече дека Министерството за финансии ги пренаменило парите предвидени за исплата на додатоци, иако според Законот за судски буџет е предвидено дека заради функционирање на судската власт се утврдува износ во најмалку од 0,8 отсто од БДП.

-Овие 0,8 отсто веќе година и пол не се слеваат во правосудството, а власта ги присвоила, односно ги пренаменила на Министерството за транспорт и врски или некои други минисетрства, што значи целото судство е оштетено. Само од Граѓански суд оваа година во буџетот се влеале 3 милиони и 740 илјади евра, тоа се огромни финансии кои од судството се влеваат во буџетот на земјава. Очекуваме да излезе министерот за финансии, да најде слух за нашите барања и да го реши нашиот проблем, рече Величкова денеска на протестниот марш од пред Министерството за финансии.

Ако Владата се придржува до Законот за судски буџет, вели потпретседателката на Здружението за судска администрација, Рената Ѓеорѓиевска, нивните барања ќе се остварат, односно зголемување на платите за 78 отсто од минималната плата и 35 отсто додатоци на плата.

-Ние не бараме ништо од нив, само си го бараме тоа што ни следува од буџетот, односно 0,8 отсто од БДП законски предвидени за судската власт. Со тоа ние самите ќе си ги оствариме нашите барања, односно 78 отсто покачување на платите од минималната плата и 35 отсто додатоци, континуирано секој месец, рече Ѓеориѓиевска на денешниот протестен марш.

Откако Уставниот суд донесе одлука за покачување на платата на функционерите, вработените во судската администрација излега револтирани, бидејќи, како што велат, Министерството за финансии им одбива исплата на додатоците на плата. Претседателот на Синдикалната организација Правосудство во Основниот кривичен суд Скопје, Драган Јосевски, рече дека по последното покачување на платите се направи разлика еден спрема шест.

-Платите се зголемија само на едната страна тоа е функционерскиот дел, кај нас тоа се судиите, се направи разлика од еден спрема шест. Никој човек, колку и да е компетентен и да има знаење, не вреди за шест луѓе, дециден беше Јосевски.

На протест денеска излегоа и членовите на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) од судската администрација од цела држава, со истото барање, за зголемување на платите за 78 проценти и враќање на додатоците на плата. /ра/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан