• вторник, 08 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Промовирано „онлајн“ издание на книгата „Битола низ стари разгледници“ од авторот Димче Најдов

Промовирано „онлајн“ издание на книгата „Битола низ стари разгледници“ од авторот Димче Најдов

Битола, 6 април 2025 (МИА) - Македонската јавност од денеска на располагање ја има „онлајн“ верзијата на книгата „Битола низ разгледници“ од авторот Димче Најдов, колекционер на разгледници, Македонец кој живее во Канада.

Станува збор за онлајн издание на 668 разгледници, групирани по временски период, публикација што овозможува визуелен преглед на еволуцијата на Битола низ минатите два века.

-Низ разгледниците сочувани од Димче Најдов може да се видат промените во урбаната структура на Битола, но и секојдневниот живот на жителите и посетителите во градот. Разгледниците овозможуваат увид во тоа како се менувала градската инфраструктура, како изгледале некои од денешните препознатливи локации, како и кои биле центрите на социјалниот живот. Освен визуелната содржина, многу значајни информации може да се добијат и преку анализата на фотографите, авторите, издавачите и печатарите на разгледниците, истакна Јове Парговски, веб дизајнер кој го изработи „онлајн“ изданието.

Презентираните разгледници се хроничари на своето време и ја документирааат Битола во специфични моменти, а печатарските техники и материјалите користени за изработка на разгледниците, носат значајни информации за технолошкиот развој во одредени временски рамки.

-Разгледниците биле печатени на висококвалитетна или обична хартија, тие се во боја или во црно-бела техника, а тоа може да послужи како показател за степенот на развој на печатарската индустрија во тоа време. Дополнително, групирањето на разгледниците според временски период овозможува следење на историските контексти во кои тие биле создадени. Политичките промени, економските развои и општествените текови на Битола можат да се согледаат преку мотивите кои биле популарни во одредени децении, посочи Парговски.

Книгата со стари разгледници за Битола на авторот Димче Најдов, прв пат публикувна во печатена верзија во 2014 година, не е само збирка на слики, туку и хроника на времето, сведоштво за развојот на градот и културно наследство кое ја документира историјата преку визуелни медиуми. Дигитализацијата на разгледниците и нивната достапност е овозможена преку веб-платформата www.old.bitola.info и претставува чекор напред кон зачувувањето и промоцијата на ова културно богатство. мт/аа/

Фото: „Битола низ стари разгледници“
 

Остани поврзан