• понеделник, 23 декември 2024

Промовирана стрип книгата на Александар Стеванов „Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“

Промовирана стрип книгата на Александар Стеванов „Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“

Велес, 27 август 2023 (МИА) - Во рамките на Петтата Стрип колонија „Велес 2023“ во Куќата на Касапови или Куќата на уметноста, авторот Александар Стеванов ја промовира стрип книгата „Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“. 

Во оваа српска ревија што ја издава „Дечје новине“ од Горни Милановац за периодот 1977-1987 година тој ги претставува сите македонски творци што биле застапени во неа и некои други. Уредник на ревијата бил Среќко Јовановиќ кој бил не само еден од најзаслужните за стрип - културата во Југославија, туку и за југословенскиот стрип, појасни за МИА Александар Стеванов.

-Со оглед на тоа што се списанието се печатело во тираж од 30-35 илјади примероци, македонскиот стрип се популаризира, а потврда на тоа е книгата „Стриповите што ги сакавме“ на авторското трио Живоин Тампуриќ, Здравко Зупан и Зоран Стефановиќ. Во оваа книга поголем дел од застапените македонски автори се застапени со стрипови што претходно излегувале на страниците на ревијата „ЈУ стрип“, појаснува Стеванов.

Тој информира дека во јули 1979 година мразот во ЈУ стрип го крши македонскиот стрип автор Илија Поповски кој е повеќе познат во Србија отколку кај нас. Во број 178 била објавен стрипот „Вселенска авантура“ каде не станува збир за научно фантастичен стрип, туку за комедија која е на границите на апсурдност.

-Тоа е многу интересен стрип кој успева да го издржи забот на времето, потенцира Стеванов.

Тој е мултиталентиран уметник кој за жал во земјава не е популарен. Стеванов вели дека ние не знаеме да си ги цениме нашите автори, а за разлика од тоа бил многу популарен во Србија каде што извесно време живеел. Инаку тој бил син на познатиот македонски писател Стале Попов.

Втор македонски стрип автор кој објавува на страниците на „ЈУ стрип“ е Љупчо Филипов кој е најпознатиот и најзначајниот македонски стрип автор на 20 век, а можеби и воопшто. Тој во „ЈУ стрип“ објавува три стрипа првиот е „Авантурите на еден шпиун“, вториот е „Одмазда на еднооките“ станува збор за еден од десетте најдобри македонски стрипови на сите времиња со потенцијал и за филмување.

-Тој го обработува периодот на крајот на владеењето на Цар Самоил, а токму Цар Самоил е еден најстрипуваните ликови на македонската историја, посочува Стеванов.

Тој вели дека Љупчо Филипов воедно е еден од најпознатите македонски автори надвор од земјата.

Трет македонски автор што објавува во „ЈУ стрип“ е Диме Иванов Димано, многу популарен и значаен автор особено во последно време бидејќи се реобјавени неговите стрипови со „Итар Пејо“. Тој во „ЈУ Стрип“ излегува со два стрипа за „Итар Пејо“.

Четврт стрип автор што објавил во „ЈУ стрип“ е Игор Тошевски, кој е академски сликар, многу значаен претставник на една авангардна уметничка струја и член на повеќе авангардни сликарски групи.

Тој е значаен како најпопуларниот најзначајниот македонски претставник на таканаречениот трето генерациски ЈУ стрип автори. Во оваа ревија го напишал стрипот „П.С. те сакам“ кој го посветил на извесна Виолета.

-Во книгата се дадени досега најдетални биографски податоци и за Илија Поповски и за Љупчо Филипов, за Диме Иванов Димано и за Игор Тошевски, којшто во иднина би можеле да послужат за нивни посебни монографии, потенцира Стеванов.

Во книгата е застапен и еден српски автор Владимир Неданоски кој по татко има македонски потекло, за кој многу малку се знае во српската стрип историографија.

-Јас се обидов да стапам во контакт со него но безуспешно посочува Стеванов.

Тој во оваа ревија објавил стрип „Мередљански гусар“ кој бил и награден од самата редакција на списанието.„ЈУ стрип“. Појаснува дека објавил и стрип автори кои не се дел од македонската стрип историографија, но се интересни затоа што самата тема во нив е македонска. Така на пример „Таинствениот витез“ на Петар Радичевиќ или „Царевиот штитоноша“ на Бранко Видиќ и Сергеј Соловјев.

-Тука го обработив и стрипот „Капетан Лешин“. Станува збор за стрип според филмовите на познатиот белградски режисер Жика Митровиќ, кој во младоста бил стрип автор, а ги црта Јулио Јарадиловиќ Јулес. За мене овој стрип е интересен затоа што доколку се загледате ќе го видите и славниот македонски актер - велешанецот Петре Прличко, кој игра во филмот, потенцира Стеванов.

Тој нагласува дека дошол до податок дека самиот капетан Лешин се населил во еден македонски град во Источна Македонија и останал до крајот на животот, а денес таму живеат негови наследници.

-Самиот Жика Митровиќ нагласил дека филмот е правен врз реална личност, нагласува Стеванов.ад/вј

Фото: МИА

Остани поврзан