Промовирана книгата „Кривичен законик – временско важење на казнените одредби и примена на поблаг закон (1996–2026), со коментар“ на Владимир Панчевски
- Во Музејот на македонската борба за самостојност вечерва беше промовирана книгата „Кривичен законик – временско важење на казнените одредби и примена на поблаг закон (1996-2026), со коментар“ од м-р Владимир Панчевски. Делото претставува прво стручно авторско издание кое систематски ги следи и анализира сите измени на Кривичниот законик од неговото донесување во 1996 година до денес, со акцент на правилната примена на поблагиот закон (lex mitior) како една од основните гаранции за владеење на правото и заштита на правната сигурност.
Скопје, 18 ноември 2025 (МИА) - Во Музејот на македонската борба за самостојност вечерва беше промовирана книгата „Кривичен законик – временско важење на казнените одредби и примена на поблаг закон (1996-2026), со коментар“ од м-р Владимир Панчевски. Делото претставува прво стручно авторско издание кое систематски ги следи и анализира сите измени на Кривичниот законик од неговото донесување во 1996 година до денес, со акцент на правилната примена на поблагиот закон (lex mitior) како една од основните гаранции за владеење на правото и заштита на правната сигурност.
Авторот Панчевски, поранешен судија и претседател на Основниот суд Скопје 1, истакна дека книгата е сублимат на неговата работа, односно целото негово практично работење.
Рецензентите ја оценија книгата како значаен придонес за правната мисла и практика.

Поранешната јавна обвинителка Лејла Кадриу посочи дека авторот „комбинира историска перспектива со аналитички и нормативен компаративен пристап, како практичен водич за судии, обвинители и адвокати“, додавајќи дека делото дава силна критика на политичката злоупотреба на правните институции и охрабрува транспарентност и контрола при користење на амнестија.
Д-р Бранко Секуловски ја истакна креативноста на авторот и рече дека „прирачникот на Панчевски ја олеснува работата на оние кои ќе го користат“, притоа нагласувајќи дека со измените на Кривичниот законик од 2023 година се создадени, како што рече „правни дубиози со политички контекст“, а трудот токму преку начелото на поблаг закон дава јасни насоки за нивната примена.
Михајло Маневски, правник и поранешен министер за правда оцени дека „ова можеше да го направи само човек како што е Владимир Панчевски“, нагласувајќи дека станува збор за исклучително квалитетно дело во интерес на судиите, јавните обвинители и сите правни служби.
-Она што е најквалитетно во овој труд, огромен труд вложил да се собере материјата, да се среди и да се прикажат искуствата, колку пати е изменет кривичниот законик, рече тој.

M-р Владимир Панчевски е долгогодишен практичар, поранешен судија и претседател на Кривичниот суд познат како Основен суд Скопје 1, со практично искуство од 30 години во примената на Кривичниот законик, кривичните санкции и уставно-судската пракса. ар/ев/
ФОТО: МИА