• сабота, 21 декември 2024

Промовирана едукативна онлајн-игра за човекови права „Навигатор“

Промовирана едукативна онлајн-игра за човекови права „Навигатор“

Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - По повод Меѓународниот ден на човековите права – 10 Декември, денеска беше промовирана онлајн-играта „Навигатор“ - интерактивна и едукативна платформа чија цел е да ги едуцира младите и јавноста за човековите права.

Платформата е креирана од Делегацијата на Европската Унија и мрежата на Јуроп хаус во нашата земја, во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации и Министерството за образование и наука, и во соработка со гејминг здружението „Галактик Омнивор“ и Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

 „Навигатор“ ќе ги едуцира пред се младите, кои на забавен начин ќе учат и ќе ги откриваат вредностите на човековите права во секојдневниот живот.

Во играта ќе може да се вклучат сите граѓани, достапна е на веб-страницата  на Делегацијата на ЕУ и на: navigator.europehouse.mk, почнувајќи од денеска до 24 декември во 23.59 часот. Играчите што ќе освојат одреден број поени од точни одговори ќе имаат можност да учествуваат во освојување награди подготвени од Делегацијата на Европската Унија, Обединетите нации и амбасадите на земјите членки на ЕУ. Извлекување на наградите ќе биде на 25 декември. 

Јана Иванова од Македонското здружение на млади правници на промоцијата ги претстави темите и содржините на „Навигатор“ кои се распределени во девет области односно „планети“, а Иван Кикеров од гејминг здружението „Галактик Омнивор ја претстави „механиката“ на играта односно нејзините пропозиции и начинот на освојување поени. 

На промоцијата се обратија претставниците на Европската Унија и Обединетите нации во земјава, Михалис Рокас и Рита Колумбија, кои го истакнаа значењето на платформата како своевидна алатка која ќе ги едуцира младите за човековите права и ќе ги оспособи да станат двигатели за промена во општеството.

Евроамбасадорот Рокас рече дека со промоцијата на иновативен начин се одбележува Меѓународниот ден на човековите права и дека целта е платформата да досегне „до различни слоеви на општеството, особено младите, и од доста рана фаза“.

-Честопати играњето видеоигри добива погрешна конотација. Она кон кое целиме тука е луѓето да ја користат оваа платформа за да се подигне свеста и да се допре до најголем број млади, а истовремено да понудиме одредено задоволство, рече Рокас.

Постојаната координаторка на Обединетите нации во државава, Рита Колумбија,  истакна дека најважно е што играта е креирана токму од млади и се надева дека преку неа тие самите ќе станат поборници за човековите права и своето знаење ќе го преснесуваат на своите врсници, нивните родители, па и на наставниците.

-Самата игра е осмислена да  ја подигне свеста за клучните принципи за човековите права. На тој начин, самиот процес на учење станува поинтересен, прифатлив и попристапен за младите. Со помош на оваа игра може да ја истражуваме слободата на изразување, правата на образование, еднаквоста, слободата од дискриминација и воедно да промислиме и за своите права, зашто дискриминацијата и насилството може да имаат различни лица, додаде претставничката на Обединетите нации. хс/са/

Фото: МИА  / принтскрин од веб-страница: navigator.europehouse.mk 

 

 

Остани поврзан