• понеделник, 23 декември 2024

Промовирана апликација „Bebbo“ за поддршка на родители на деца до шестгодишна возраст

Промовирана апликација „Bebbo“ за поддршка на родители на деца до шестгодишна возраст
Скопје, 6 јули 2022 (МИА) - Апликацијата на УНИЦЕФ „Bebbo“ наменета за поддршка на родителите на деца до шест годишна возраст, но и за време на самата бременост денеска беше официјално промовирана. Имено, мобилната апликација нуди сеопфатни и проверени информации и интерактивни алатки со одговори на најразлични прашања поврзани со здравјето и развојот на децата. Апликацијата е достапна на македонски и албански јазик. Обезбедува стручни совети, видеа, насоки, препораки базирани на наука, со цел обезбедување добар почеток на детето, кој ќе трае цел живот. На денешната промоција присуствуваа и министерот за здравство, Беким Сали, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани. Министерот Сали истакна дека оваа апликација дава поддршка на родителите на децата до 6-годишна возраст, но и за време на самата бременост. -Здравјето на детето почнува уште во периодот на бременоста и многу е значајно ние како систем да овозможиме поддршка за мајките во овој многу битен период. Денес живееме во свет каде иновациите и технологијата се движат со брзина на светлината. Здравството веќе се насочува кон користење на сите овие технологии кои го олеснуваат животот на секој поединец, а секако во интерес на општото здравје на граѓаните во една држава. Ние како лекарите знаеме дека е многу битен почетокот на животот, многу се битни превентивните мерки, здрав начин на живот и здрав начин на исхрана, вели Сали. Шаќири посочи дека оваа апликација е од голема важност и во делот на образованието, односно образовниот процес не може да биде унапреден без вклученост на родителите. -Со новата образовна концепција, во делот на основните и средните училишта се вклучени и родителите, односно во делот на изработка на програмата на училиштата, родителски совети, државниот просветен инспекторат. Од законски основ имаме вклучени родители во организација на образованието, истакна министерот за образование. Министерството за труд и социјална политика со својата надлежност, како што посочи Тренчевска има за задача да гради градинки и да овозможува секое дете да биде вклучено во предучилишното образование, што влијае на неговиот развој. -Токму од тие причини, имајќи предвид дека од 0 до 6 години најголем број од децата поминуваат во предучилишно воспитување и грижа и секојдневната комуникација на стручниот кадар што работи во тие градинки со родителите, додаде министерката. Апликацијата, како што истакна, од голем дел се надоврзува на тоа што е главна заложба на Министерството, а тоа е да се јакнат вештините на стручниот кадар и родителите за позитивно родителство, имајќи предивд дека е од голема важност односот на родители и на стручниот кадар кога се развива една личност. Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани во своето обраќање рече дека родителството претставува една од најтешките и најважните работни обврски. -Обезбедувањето поддршка за родителите е од голема важност. Токму затоа инвестиравме во оваа апликација. Знам дека ќе им помогне на сите родители и благодарност до министерствата за соработката, заклучи претставничката на УНИЦЕФ.

„Bebbo“ е изработена од  Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Средна Азија. Во Северна Македонија, УНИЦЕФ, во соработка со Институтот за јавно здравје, заедно со експерти од различни области на раниот развој на децата, го прилагоди материјалот на потребите на корисниците во земјата на македонски и на албански јазик. ки/лв/

   

Остани поврзан