„Проевропското“ мнозинство во ЕП го одби барањето за парламентарна дебата за „ЕЕАС-гејт“
- Партиите од т.н. „проевропско“ мнозинство во Европскиот парламент го одбија предлогот на десничарската група Патриоти за Европа за организирање парламентарна дебата за корупцискиот скандал поврзан со Колеџот на Европа и Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), кој веќе стана познат како „ЕЕАС-гејт“.
Брисел, 11 декември 2025 (МИА) – Партиите од т.н. „проевропско“ мнозинство во Европскиот парламент го одбија предлогот на десничарската група Патриоти за Европа за организирање парламентарна дебата за корупцискиот скандал поврзан со Колеџот на Европа и Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), кој веќе стана познат како „ЕЕАС-гејт“.
Предлогот бил доставен на вчерашниот состанок зад затворени врати на Конференцијата на претседатели на Европарламентот, што го сочинуваа претседателката на ЕП, Роберта Могерини и лидерите на пратеничките групи, но бил отфрлен со гласовите на претставниците на Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) и Зелените.
Со иницијативата на ПФЕ, која била поддржана и од екстремно десничарската група Европа на суверените нации (ЕСН), се предлагало европратениците да расправаат за случајот за време на парламентарната сесија предвидена за следната недела.
Потпретседателот на ПФЕ, данскиот европратеник Андерс Вистисен изјави дека ваквата одлука претставува „громогласен срам“.
- Нашата група верува дека како што сончевите зраци ги убиваат бактериите, така и јавната контрола ја држи политичката класа чесна. Каде се Зелените, кои бараат транспарентност или социјалдемократите, кои повикуваат на одговорност?, истакна Вистисен.
Неговата сопартијка, унгарската европратеничка Кинга Гал оцени дека Европејците заслужуваат да ја знаат вистината за корупциските скандали во институциите на ЕУ и за тоа како средствата на Унијата се користат за политички или идеолошки интереси.
Претставник на СД изјави дека ПФЕ „не ја следела процедурата“ при поднесувањето на барањето за дебата, додека портпарол на ЕПП истакна дека пред да се дебатира за случајот во ЕП, треба „да им се даде шанса на белгиските власти да ја завршат работата“.
Со ваквиот став се согласуваат и либералите, чии претставник изјави дека нема ништо лошо во тоа да се дебатира за „ЕЕАС-гејт“, но „во подоцнежна фаза“. - Во овој момент е прерано, истакна либералниот претставник.
Скандалот излезе на виделина на почетокот на минатата недела откако белгиската полиција по налог на Европското јавно обвинителство изврши претреси во Колеџот на Европа, ЕЕАС и неколку домови, во рамки на истрагата за злоупотреба на средства на ЕУ. Обвинителството се сомнева дека Колеџот однапред бил информиран за критериумите во тендерската постапка за организирање на програма за обука за дипломати на ЕЕАС.
При истрагата беа приведени ректорката на Колеџот на Европа и поранешна висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини, генералниот директор за Блискиот Исток, Северна Африка и Персискиот Залив при ЕЕАС, Стефано Санино и кодиректорот за образование, обука и проекти на Колеџот на Европа, Чезаре Зегрети, но по сослушувањето и покренувањето на обвиненија против нив, уште истиот ден беа пуштени да се бранат од слобода.
Неколку дена подоцна Могерини и Санино поднесоа оставки на функциите. сп/ми/
Фото: МИА Архива