• петок, 22 ноември 2024

Припадниците на грчкото малцинство бараат ослободување на градоначалникот на Химара, Белери

Припадниците на грчкото малцинство бараат ослободување на градоначалникот на Химара, Белери

Тирана, 18 мај 2023 (МИА) - Претседателот на Партијата заедно за човекови права, Ванѓел Дуле во име на припадниците на грчкото малцинство во Албанија, денеска изјави дека Фреди Белери, кој на неделните локални избори беше избран за градоначалник на Химара е политички затвореник и треба да биде ослободен од затвор.

- Навикнати сме на клевета и оцрнување и говор на омраза и купување гласови во изборните процеси. Сето тоа сме го виделе, но сектата на власт повторно не изненади и нивната ароганција ги наведе на чин што докажува тиранија, апсење на ривалскиот кандидат, а потоа и победник на изборите. Кој не го следи командантот е казнет. Заедницата што ќе се осмели да создаде слобода ќе плати. Тој што ја води заедницата во потрага по демократија завршува во затвор, обвини Дуле.

Според него „избраниот градоначалник на општина Химара, Фреди Белери, е политички затвореник, земен како заложник од премиерот Еди Рама“.

- Правдата го има зборот, но има и логика на мислење. Белери велат е уапсен на дело, но јавноста смета дека тоа е под сомнителни околности. Фреди Белери треба да биде ослободен и да оди во својата заедница. Како заложник е земен и Пандели Кокавеши, со истите обвиненија, млад човек кој има трансплантација на срце. Иако ги известив сите дека животот му е во опасност, тој и понатаму е во заложништво. Во Химара најстарите ме потсетија на 1945 година, уште тогаш гласале против режимот. И тогаш биле прогонувани, рече Дуле.

И шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас оцени дека „приведениот градоначалник на Химара од грчкото малцинство Дионисис Фреди Белерис треба да биде ослободен“ најавувајќи дека ова прашање ќе биде иницирано в понеделник на средбата на шефовите на дипломатиите на ЕУ.

Белери, кој е претседател од огранокот на грчкото друштво „Омонија“ за Химара, на изборите настапи како кандидатот на опозициската изборна коалиција „Заедно победуваме“ во рамки на меѓупартискиот договор на Дуле, со партијата на Илир Мета и фракцијата на Демократска партија, предводена од Сали Бериша.

Белери беше уапсен на 12 мај на полноќ под обвинение за „активна корупција на избори извршени во соработка“. Два дена подоцна на изборите ја доби довербата на гласачите, со 50,12 отсто од излезените гласачи.

Тој во реакцијата на социјалните мрежи од притвор напиша дека „денес нема губитници, победници се сите граѓани на Химара“ и додаде дека „Победи демократијата! Химара победи!“.

Апсењето во неговото кафуле во Химара, гратче главно населено со припадници на грчката заедница, во четвртокот на полноќ и изречената мерка притвор во петокот од судот во Валона, ја вжешти политичката клима во земјата а силни реакции имаше и од Грција.

На предупредувањата дека овој случај ќе го загрози европскиот пат кон ЕУ, поради „непочитување на правата на Грците во Албанија“ официјална Тирана и порача на Атина „да не се меша во нејзините внатрешни работи“.

Вчера во затворот во Валона, Белери го посетиле генералниот секретар на грчкото МНР заедно со амбасадорката во Тирана, Константина Камици. вт/ми/

фото: Фејсбук

 

Остани поврзан