Примопредавање на должност командант на Командата за обука и доктрини во велешката касарна
- Во Војничкиот клуб на касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес денеска на свеченост се изврши примопредавање на должноста од досегашниот командант на Командата за обука и доктрини (КОД), полковник Васко Коколански на новиот командант на КОД бригаден генерал Лулзим Нуредини, кој претходно беше унапреден во чин бригаден генерал со одлука на претседателката и врховен командант на вооружените сили Гордана Силјановска Давкова.

Велес, 13 март 2025 (МИА) - Во Војничкиот клуб на касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес денеска на свеченост се изврши примопредавање на должноста од досегашниот командант на Командата за обука и доктрини (КОД), полковник Васко Коколански на новиот командант на КОД бригаден генерал Лулзим Нуредини, кој претходно беше унапреден во чин бригаден генерал со одлука на претседателката и врховен командант на вооружените сили Гордана Силјановска Давкова.
Новиот командант Нуредини досега ја извршуваше функцијата заменик на командантот на КОД, а досегашниот командат на КОД полковник Коколански замина на нова функција во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
На свеченста присуствуваше и началникот на ГШ на Армијата генерал мајор Сашко Лафчиски, кој военото знаме на КОД го презема од досегашниот командант, полковник Васко Коколански и на свеченоста му го предаде на новиот командат на КОД, бригадниот генерал Лулзим Нуредини.
На свеченоста присуствуваше и заменик министерката за одбрана Елфет Исмаили, како и други генерали, пензионирани генерали, претставици на дипломатскиот кор и други гости.
Честитајќи му ја на бригадниот генерал Нуредини новата одговорна функција - командант на КОД, началникот на ГШ на Армијата генерал мајор Сашко Лафчиски во своето обраќање од свеченоста истакна дека КОД ја има една од најзначајните улоги во изградбата на капацитетите и можностите на Единиците.
-Да се биде командант на КОД е чест која носи и огромна одговорност. Затоа преку чинот на предавањето на военото знаме на новиот командант бригадниот генерал Нуредини ќе му ја доверам привилигијата, но истовремени и можноста за раководењето и командувањето со оваа исклучително важна Команда. Новиот командант бригадниот генерал Нуредини ја превзема КОД во исклучително важен период кој подразбира максимална посветеност на зајакнување на капацитетите и способностите на Командата. Период во кој треба да се достигнат прифатените стандарди да се дизајнираат нови планови и програми за нови курсеви согласно новите предизвици и потреби на Армијата. Период во којшто ќе се даде силна поддршка на колективните форми на обука, на Единиците на Армијата со изградба на нови капацитети, потенцира началникот на ГШ на Армијата, генерал мајорот Лафчиски.
Воедно посочи дека следи период за следење и организирање на последните концепти на војување. Сето тоа со цел забрзан развој на националните капацитети, како и оние капацитети кои произлегуваат од нашето членство во НАТО Алијансата, а кое подразбира примена на се’ што е ново и напредно и во нашата Армија.
Новиот командант на КОД, бригадниот генерал Нуредини заблагодарувајќи се на државното раководство на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата за дадената доверба и можноста да командува со КОД. Тој истакна дека да се биде командант на КОД е чест и привилегија, но и голема одговорност да се организира, координира и реализира индивидуалната обука на војниците, питомци, подофицери и офицери од активниот и резервниот состав.
Тој информира дека КОД Мисијата ја исполнува преку осум центри кои се значајни алки во обуката и развојот на човечките капацитети на Армијата и тоа: низ Центрите за индивидуална обука и обука на питомци, Центарот за симулации, Центарот за странски ајзици со можост за изучување на англискиот јазик на сите припадници на Министерството за одбрана, ГШ, ЦИДПУНЛ развој на доктрините, правилата и научените лекции како и стручната литература која се користи во Армијата според стандардите на НАТО, ЦПО која дава поддршка на колективната обука на вежби и гаѓања со целокупното вооружување кое го поседуваат единиците на Армијата, како и можност за организирање вежби од меѓународен карактер на Армискиот полигон „Криволак“. Во состав на КОД е Центарот за одгледување и дресура на службени кучиња за потребите на Армијата и ЦРС кој придонесува во развојот на резервната компонента на Армијата.
Нуредини во наредниот период најави дека во координација со мултинационалната бригада СЕЕБРИГ ќе ја реализираат вежбата „Seven Star“. Воедно и по спроведениот објавен јавен оглас од страна на МО за прием на војници, подофицери и офицери во Армијата ќе ја реализираат основна и стручно специјална обука со 300 професионални војници, како и курсеви за подофицери и офицери.
Досегашниот командант, полковник Васко Коколански заминувајќи на новата функција во ГШ на Армијата се потсети на изминатите две ипол години колку што беше на чело на КОД. Тој истакна дека реализирал голем дел од својата визија што ја ветил, работејќи според армиските вредности, како професионалност, посветеност, лојалност и чесност реализирајќи ги задачите.
Коколански потсети дека во времето додека бил командант на КОД низ разните курсеви и обуки поминале околу 2000 луѓе. Воедно за неговата должност се продолжило со изградба на Армискиот полигон „Криволак“ кој прераснува во еден значаен капацитет на Армијата и придонесува во јакнење на НАТО капацитетите. ад/дма/
Фото:МИА, Министерство за одбрана