• понеделник, 23 декември 2024

Приведени двајца измамници, пронајден златен накит

Приведени двајца измамници, пронајден златен накит
Скопје, 26 февруари 2022 (МИА) - Полицијата вчера приведе две лица од Романија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Пријавените на оштетениот му понудиле сет тенџериња, а за возврат му зеле поголема количина на златен накит во вредност од околу 120.000 денари. - На 25 февруари 2022 во 17.20 часот на улица „Востаничка“ од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје во Полициската станица Кисела Вода биле лишени од слобода Г.Г.(45) и Ј.Г.(19) од Романија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “измама“ по чл.247 од КЗ на РСМ. Имено пријавените на оштетениот му понудиле сет тенџериња, а за возврат му зеле поголема количина на златен накит во вредност од околу 120.000 денари (2000 евра), соопшти МВР. Сторителите биле со патничко моторно возило „фолксваген поло“ со скопски регистарски ознаки, кое било сопственост на рента кар компанија. Од страна на полициски службеници по преземени мерки двајцата биле лоцирани во апартман во населбата Црниче. Известен бил Јавен обвинител, а потоа со судска наредба извршен бил претрес во апартманот каде престојувале, претрес на лицата како и преглед на две патнички моторни возила „фолксваген поло“ со скопски регистарски ознаки и патничко моторно возило „ауди“ со австриски национални ознаки. Од извршениот претрес пронајдени биле златниот накит, облека како и еден сет ножеви кои се одземени. Златниот накит е вратен на оштетениот. За горенаведеното сторено кривично дело „измама“ по целосното документирање, од страна на ОКР Ѓорче Петров ќе следи кривична пријава, а осомничените ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка. мс/ац/

Остани поврзан