• недела, 26 јануари 2025

Претставници на Хема-онко на средба со Таравари, министерот ветил лекови на Онкологија до крајот на наредната недела

Претставници на Хема-онко на средба со Таравари, министерот ветил лекови на Онкологија до крајот на наредната недела

Скопје, 24 јануари 2025 (МИА) - Претставници на Здружението Хема-онко денеска оствариле средба со министерот за здравство Арбен Таравари. Состанокот бил планиран пред актуелните случувања на Клиниката за радиологија и онкологија во Скопје, но, неизбежно било да се разговара за недостиг од терапија за овие пациенти. Се апелирало проблемот да биде решен во најскоро време.

- И од министерот, како и од директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, ни беше ветено дека терапија ќе има до крајот на наредната недела. Од него побаравме да се направат напори барем дел од оваа терапија да се стави на Позитивната листа со што овие проблеми ќе се избегнуваат во иднина, изјавија претставници на здружението за МИА.

Како што појаснија, Буџетот за 2025 за Онкологија бил зголемен, па тие се надеваат оваа дискусија за немање терапија повеќе нема да ја има.

- Ги посочивме и останатите проблеми со скрининг програмата, олеснување на патеката до центар за дојка и останатите снимања, така што, инсистиравме на воведување двојно читање на резултати со што сметаме дека ќе се намали процентот за грешки. Зборувавме за просторно проширување на Онкологија и изнаоѓање трајно решение за гужвата на оваа клиника. За итноста и потребата од дополнителен персонал. За нефункционирањето на Битолската клиника. Ова е втора официјална средба со министерот и искрено се надеваме дека ќе се променат состојбите на подобро, велат од Здружението.

Како што претходно информираа за МИА дел од пациентите на Онкологија, има недостиг од лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“. Стравуваат дека за брзо време може да ги снема и „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.  бд/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан