• петок, 22 ноември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Кипар, Андреас Фотиу

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Кипар, Андреас Фотиу

Скопје, 31 октомври 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска ги примила акредитивните писма на Андреас Фотиу, новоименуваниот амбасадор на Република Кипар, со седиште во Белград.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, како што соопштија од Кабинетот на Сиљановска Давкова, таа посочила дека по воспоставувањето на дипломатските односи во 2019 година, билатералните односи и соработката меѓу двете земји добија нова цел и динамика, при што оценила дека тие се засноваат на заемно разбирање, меѓусебна почит и желба за градење цврсти врски меѓу земјите и граѓаните. Претседателката потенцирала дека целосно го почитуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Република Кипар, како и релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН и истакнала дека исклучително ја цениме принципиелната и конзистентна поддршка од Република Кипар за наше целосно интегрирање во Европската Унија.

- Многу би ценеле доколку продолжите и во иднина да дејствувате афирмативно и да ја застапувате потребата од задржување на динамиката на ЕУ-проширувањето. Европската иднина за земјите од Западен Балкан е гаранција за стабилност и за просперитет на целиот регион, но и за одржување на кредибилитетот на самата Унија, порачала претседателката, се вели во соопштението.

Таа изразила уверување дека пред двете држави претстои успешен период со изразени можности за натамошно јакнење на соработката на билатерален план и дека во духот на воспоставеното пријателство и разбирање ќе продолжиме да бидеме активно посветени во создавањето на нашата заедничка европска иднина.

Амбасадорот Андреас Фотиу во своето обраќање ја нагласил заедничката посветеност на мирот, стабилноста и напредокот, при што посочил дека е од суштинско значење да се зајакне соработката и да се продлабочи меѓусебниот дијалог за прашањата кои ги засегаат двете нации.

- Како амбасадор, подготвен сум да работам напорно со цел да промовирам поблиски врски меѓу нашите земји, унапредувајќи го нашето економско, културно и политичко партнерство. Верувам дека, преку соработка, можеме да одговориме на заедничките предизвици, да промовираме одржлив развој и да ги унапредиме идеалите на демократијата и човековите права, рекол новоименуваниот амбасадор на Кипар.

Амбасадорот Фотиу ја реафирмирал кипарската поддршка за нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ и упатил честитки за поднесувањето на амбициозната реформска агенда во рамките на новиот План за раст за Западен Балкан. Тој посочил дека европската перспектива на Западен Балкан е единствениот остварлив начин за зацврстување на мирот, долгорочната стабилност и просперитетот во регионот и изразил уверување дека пристапувањето на нашата земја во Европската Унија ќе донесе уште поголеми можности за соработка и развој.

Претседателката Сиљановска Давкова на новоименуваниот кипарски амбасадор му посакала успех во извршувањето на одговорната дипломатска мисија. цр/са/

Фото: Кабинет на претседателката Сиљановска Давкова 

 

Остани поврзан