• недела, 22 декември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Гана, Дорис Аџо Дењо Бресe

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Гана, Дорис Аџо Дењо Бресe

Скопје, 18 октомври 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на Дорис Аџо Дењо Бресe, новоименуваната амбасадорка на Република Гана, со седиште во Прага.

Како што соопшти претседателскиот Кабинет, на церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова истакнала дека нашата држава придава значење на развојот на односите со земјите од Африка, особено со Гана која беше првата земја јужно од Сахара што се стекна со независност во процесот на деколонизацијата.

-Имајќи ја предвид посветеноста на Гана кон натамошниот развој на својата економија и демократија, убедена сум дека постои простор за проширување на нашата соработка на економски, културен и на меѓународен план. За тоа е потребно натамошно зајакнување на правната рамка и се надевам дека сите договори кои се веќе усогласени ќе се потпишат во најскоро време, нагласила претседателката Сиљановска Давкова.

Изразувајќи задоволство од соработката на полето на образованието и науката и искажаниот интерес на студенти од Гана за студирање на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, претседателката изразила надеж дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина, со можност и дополнително да биде продлабочена.

Амбасадорката Бресе во своето обраќање истакнала дека Гана го цени долгогодишното и срдечно пријателство што постои меѓу двете земји од воспоставувањето на дипломатските односи, основани на заедничката посветеност на истите вредности: демократија, човекови права, владеење на правото, безбедност и просперитет.

Таа посочила дека Гана придава големо значење на заедничките иницијативи за продлабочување на соработката во клучните сектори на нивната економија, особено технологијата, здравството, земјоделството, обновливите извори на енергија, производството, туризмот и образованието. Во овој контекст, амбасадорката Бресе нагласила дека ги охрабрува инвеститорите од нашата земја да ја искористат привлечната и погодна инвестициска клима во Гана.

Претседателката Сиљановска Давкова на амбасадорката Дорис Аџо Дењо Бресe ѝ посакала успех во извршувањето на одговорната функција. дма/нд/

Фото: Кабинет на претседателот на Република Северна Македонија

Остани поврзан