• вторник, 05 ноември 2024

Преку комуникација меѓу општината, училиштата и граѓанскиот сектор до намалување на радикализацијата кај младите

Преку комуникација меѓу општината, училиштата и граѓанскиот сектор до намалување на радикализацијата кај младите
Струга, 30 март 2022 (МИА) – Младите да живеат во општество, во кое владее мир и толеранција, активно да придонесуваат кон искоренување на говорот на омраза и активно да учествуваат во развојот на заедницата, е мисијата на Платформата за граѓанско образование на млади за борба против радикализацијата (Младите против насилство), што го спроведува Иницијатива за европска перспектива (ИЕП), НЕКСУС – Граѓански концепт, Здружение за развој и активизам АКВА, Струга и Центарот за интеркултурен дијалог (ЦИД), Куманово. Проектниот директор, Валерија Соколова Стојановска, на денешната средба со претставници од невладини организации, образовни институсии и Општина Струга истакна дека градењето на свеста на младите и граѓанските организации, преку најразлични активности, мултисекторскиот пристап, како и соработката со релевантни чинители ќе придонесат кон остварување на мисијата на платформата, како и целите на проектот. - Состаноците со младите, граѓанските организации и релевантните чинители се клучни за информирање, подигнување на свеста, креирање механизми за превенција, идентификација на вредности и обезбедување на поддршка на сите засегнати, рече Соколова Стојановска. Драгана Костовска од здружението за поддршка на идентификувани потенцијални ранливи групи „Жртва“, смета дека едукацијата на наставниот кадар е многу значајна за намалување, односно спречување на радикализмот. - Кога говориме за популација во средни училишта многу е значајно едукација на наставниците. Тие се седум-осум часа со децата, може да го следат нивниот раст и развој, да видат што се случувало претходно и кои се настанатите промени. Проблемот со насилен екстремизам и младите е мултидимензионален, бара мултисекторска анализа и е многу специфичен. Затоа е битно повеќе општествени чинители да се поврзат да комуницираат да има дијалог, доза на разбирање и максимална доверба дека работиме за иста цел и кауза, нагласи Костовска. Радикалзиацијата како процес, подвлече, сам по себе немора да биде само негативен, може да биде и во позитивна конотација, радикални промени за некои подобри услови. Но, додаде, тоа е непоходен пат, некое младо лице да помине во делот на насилен екстремизам или тероризам. - Владата работи постпревентивно, како да се резоцијализираат повратниците, но многу значаен момент е зошто младите одат. Постојат низа фактори, тие може да бидат политички, економски, социјални, идеолошки, социолошки, психолошки.... но едно лице ќе пристапи или е веќе дел од тоа има низа на показатели, како всушност да препознаеме, да видиме, што се случува со тоа лице во моментот на тие почетоци, рече Костовска. Дел од причините за радикализација смета дека е владеењето, односно немањето владеење на правото во земјава. - Имаме правна држава, но немаме владеење на правото, и секој втор граѓанин се соочува со политичка, економска или социјална криза во општеството. Младите се најранлива категорија која може да биде подлежна. Има многу општествени пропусти на кои треба да се посветиме, додаде Костовска. Целта на проектот Платформата за граѓанско образование на млади за борба против радикализацијата (Младите против насилство), според Валентина Тодороска од здружението „Аква“ е вмрежување на сите чинители во процесот, односно комуникација меѓу општината, училиштата и граѓанскиот сектор, за, како што рече, да изградиме, психо-физичка здрава младина отпорна на радикални идеологии. сс/цр

Остани поврзан